Европска Унија покрена постапка пред Светска трговска организација (СТО) против Индија поради дискриминација на производителите на информатичка и комуникациска опрема и против Турција поради дискриминација на фармацевтската индустрија.
Во двата случаја станува збор за големи влогови. Вкупната вредност на европскиот извоз кој е погоден од тие мерки изнесува над една милијарда евра годишно.
ЕУ бара од Индија да ги почитува правилата на СТО и да дозволи безцаринска трговија на информатичка и комуникациска опрема. Додека Турција ја дискриминира европската фармацевтска индустрија барајќи од производителите да ги лоцираат капацитетите на турска територија.
– Денеска уште еднаш покажуваме дека ЕУ нема да се колеба да го искористи мултилатералниот систем за да почитуваат правилата кои другите ги кршат – истакна европската комесарка за трговија Сесилија Малмстром.
Таа додаде дека Индија и Турција недвосмислено ги кршат правилата на СТО, со што се загрозени голем број работни места во Унијата.
Индија воведе царини од 7,5 до 20 отсто за производи како што се мобилните телефони, базните станици, оптичките инструменти и друго иако пред СТО законски се обврза дека нема да воведува царини за тие производи.
Турција ги принудува странските производители да ги преселат производството ако сакаат за нивните лекови корисниците да добијат надомест од турскиот здравствен систем. Покрај тоа, Анкара од производителите кои ќе одлучат да се преселат во Турција поставува низа барања за трансферот на технологијата, со што се крши правото на интелектуална сопственост.
Првиот чекор во решавање на споровите пред СТО вклучува 60-дневни консултации. Ако преку консултации не се реши проблемот, СТО формира панел за секој засебен случај со цел да донесе пресуда.