Главниот преговарач на Европската Унија за брегзит, Марош Шефчовиќ, изјави дека европскиот блок е подготвен да дејствува цврсто и одлучно, доколку Велика Британија не ги исполни своите обврски од договорот за разделување.
Велика Британија го налути официјален Брисел на почетокот на оваа година, кога еднострано го продолжи грејс-периодот на брегзит, одложувајќи ја инспекцијата на многу прехранбени производи што беа доставени во Северна Ирска од Англија, Шкотска и Велс, потсетуваат агенциите.
Шефчовиќ предупреди дека преговарачите треба да се стремат да постигнат заемно договорени начини на почитување на регулативите.
– Ако тоа не се случи и ако Велика Британија преземе понатамошни еднострани активности во наредните недели, ЕУ нема да се двоуми да реагира брзо, цврсто и одлучно, со цел да се осигура дека Велика Британија ги почитува своите меѓународни правни обврски – рече Шефчовиќ.
Иако тој не прецизираше какви можат да бидат тие дејствија, лондонски „Тајмс“ цитираше неидентификуван претставник на ЕУ кој изјавил дека блокот е подготвен да воведе трговски санкции и казнени тарифи.
Коментарите на Шефчович доаѓаат еден ден пред разговорите со неговиот британски колега за спроведување на договорот за брегзит.
Односите меѓу двете страни се влошија поради загриженоста за таканаречениот Протокол за Северна Ирска, кој е дизајниран да го заштити мировниот процес во Северна Ирска, истовремено зачувувајќи ги економските врски со земјата членка на ЕУ, Ирска.
Протоколот ја налути јавноста во Северна Ирска затоа што воспоставува царинска граница помеѓу тој регион и остатокот од Велика Британија.