ЕУ даде официјална поддршка за 32 големи инфраструктурни проекти за гас, а еколошките организации ја обвинија дека со таквиот потег ја заглавила Европа да гори фосилни горива со генерации. Европратениците во средата со 443 гласа „за“ и 169 гласа „против“ го поддржаа предлогот на Европската комисија, по што повеќе организации за заштита на животната средина го обвинија Брисел за хипокризија во однос на климатските промени.
Вкупните трошоци за инфраструктурата се проценуваат на 29 милијарди евра. Според програмата на ЕУ за финансирање, до 50 отсто од трошоците за секој проект би можеле да бидат покриени од европските даночни обврзници, пренесе „Гардијан“.
Консултантската фирма „Артелис“ тврди дека поголемиот дел проекти, кои се протегаат од Ирска до Хрватска, се „непотребни“. Еколошките групи тврдат дека компаниите за гас уживаат во поволната позиција што ја обезбедуваат преку лобирање кај институциите на ЕУ. Советодавно тело ѝ нуди прогнози на Европската комисија за идните енергетски потреби на Европа.
– Ова климатско лицемерство треба да заврши. По невидени катастрофи како пожарите во Австралија, историјата ќе изгледа немилосрдно кон оние што денес поддржуваат изградба на повеќе цевководи и терминали за фосилни горива. Не може да се постигне зелен европски договор со повеќе фосилни горива и Европа треба што побрзо да се ослободи од нив – порача Колин Рош, координатор на европскиот разгранок на организацијата „Пријатели на Земјата“.
Европската комисија побара од парламентот на ЕУ да го поддржи предлогот со образложение дека три четвртини од вкупно 151 проект се засновани на струја, а не на гас. Од комисијата порачаа дека ќе се потрудат наредната листа да ги одразува новите еколошки приоритетите на ЕУ.