Со постигнатиот договор би требало да бидат задоволни сите страни: и Русија, која ќе го зачува транзитот преку украинска територија, и Украина, која ќе ја зачува функционалноста на својата гасоводна мрежа, а со тоа и нејзината поголема вредност за странските инвеститори пред претстојниот ремонт. Истовремено, задоволна е и ЕУ, бидејќи си обезбеди дополнителна (стара) маршрута за снабдување со евтин руски гас, оценува порталот „Геополитика“
Европски претставници изразија задоволство од договорот што Русија и Украина го постигнаа за транзитот на руски гас преку украинска територија до Европската Унија. Со посредство на ЕУ, рускиот енергетски гигант „Газпром“ и украинскиот „Нафтогаз“ ги надминаа меѓусебните разлики, кои се закануваа да предизвикаат енергетска криза во Европа. Во согласност со договорот, „Газпром“ ќе ѝ исплати 2,9 милијарди долари на Украина, со што ќе биде испочитувана одлуката на судот во Стокхолм, додека, пак, Киев за возврат ќе се откаже од сите други побарување кон руската компанија, во висина од речиси 12 милијарди долари. Од исходот на преговорите зависеше и безбедноста на енергетското снабдување на ЕУ, која дури 80 отсто од потребите за гас ги задоволува преку увозот, пренесуваат светските медиуми.
Украина во текот на преговорите инсистираше на десетгодишен договор за транзитот и исплатата на 2,9 милијарда долари, во согласност со стокхолмската пресуда, додека, пак, „Газпром“ предлагаше едногодишен договор и отфрлање на сите побарувања. На крајот, двете страни постигнаа компромисно решение: испорака на споменатиот износ, запирање на сите меѓусебни побарувања за кои нема конечна судска одлука, додека, пак, рокот на траење на договорот ќе изнесува пет години. Во протоколот потпишан од претставници на Русија, Украина и ЕУ, е наведено и дека двете страни се подготвени во иднина да ја разгледаат можноста за продолжување на соработката за транзит на гас според идентични услови низ украинскиот гасоводен систем за периодот 2025-2034 година.
Како што пренесува „Волстрит журнал“, ЕУ, која зависи од Русија како нејзин најголем снабдувач со природен гас, помогна во постигнувањето на договорот за да спречи запирање на транзитот на гас, кој пред десет години ја блокира Југоисточна Европа во средината на зимата. Украина останува главна артерија за извозот на руски гас во Унијата, и покрај обидите на Москва за алтернативни маршрути што би го заобиколиле Киев. Во текот на преговорите, ЕУ мораше да балансира, поради притисокот од САД. Американскиот претседател Доналд Трамп ги притиска европските сојузници од НАТО да престанат да го полнат буџетот на Москва преку намалување на зависноста од руски гас, кој сочинува околу 40 отсто од годишниот увоз во ЕУ. Европските претставници беа свесни дека во прашање е обезбедувањето на критичниот енергент што ги снабдува европските индустрии и домови, додека истовремено го одржуваат притисокот врз Москва и ја поддржуваат Украина во мировните преговори за конфликтот во источниот дел на земјата.
– Го поздравувам овој добро балансиран договор. Русија останува сигурен снабдувач за европските пазари, а Украина ја задржува својата улога како стратегиска транзитна земја. Во исто време, Европа ја докажува својата солидарност со Украина – порача Марош Шефчович, висок претставник на ЕУ што посредуваше во постигнувањето на договорот за транзит.
Досегашниот десетгодишен договор за испорака на руски гас низ Украина истекува на 31 декември. Украина кон крајот на 2015 година го запре увозот на руски гас, а наместо тоа, истиот тој руски гас го купуваше преку т.н. реверс, односно преку ЕУ, пред сѐ од Словачка, Унгарија и Полска. Се разбира, овој гас беше значително поскап од директно увезениот од Русија.
Во анализата на порталот „Геополитика“ се наведува дека со постигнатиот договор би требало да бидат задоволни сите страни: и Русија, која ќе го зачува транзитот преку украинска територија, и Украина, која ќе ја зачува функционалноста на својата гасоводна мрежа, а со тоа и нејзината поголема вредност за странските инвеститори пред претстојниот ремонт. Истовремено, задоволна е и ЕУ, бидејќи си обезбеди дополнителна (стара) маршрута за снабдување евтин руски гас, како и Германија – од позиција на скоро завршување на гасоводот „Северен тек 2“, кој Берлин политички го поврза со продолжувањето на руски гас и низ Украина по истекот на постојниот договор на 31 декември годинава. Сето ова се случува во период кога САД и ЕУ, а особено Германија, се на прагот на нова гасна вода, поради санкциите што Вашингтон ги воведе против сите компании што учествуваат во изградбата на „Северен тек“. Германски претставници, на чело со канцеларката Ангела Меркел, предупредија на можни контрасанкции како одговор на американскиот потег.