Европската Унија и Јапонија потпишаа инфраструктурен договор за координација на повеќе проекти, кои ќе ги поврзуваат Европа и Азија, а се однесуваат на сообраќајниот, енергетскиот и информатичкиот сектор. Се смета дека договорот претставува одговор на ЕУ и Јапонија на кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“, чија реализација почна во 2013 година, наведува порталот „Геополитика“.
Договорот беше потпишан во Брисел од страна на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и јапонскиот премиер Шинзо Абе, а со него се формализира учеството на Јапонија во новиот план за спојување на ЕУ и Азија, кој финансиски ќе биде поддржан од фондот на Унијата, развојните банки и приватните инвеститори.
– Без разлика дали тоа е една улица или едно пристаниште, кога ЕУ и Јапонија нешто преземаат, ние можеме да изградиме цврст темел за правилата на спојување од индопацифичкиот регион до Западен Балкан и Африка – порача Абе.
„Геполитика“ оценува дека ЕУ и Азија бараат алтернатива на кинескиот инфраструктурен проект „Еден појас, еден пат“. Кинеската иницијатива планира да ги поврзе земјите од Азија, Европа, Африка и Блискиот Исток преку мрежа на морски пристаништа, автопати, аеродроми, железници, нафтоводи и гасоводи, како и преку други инфраструктурни проекти.
Јункер изјави дека изградбата на новата инфраструктура ќе помине без големи задолжувања или потпирање на само една држава. Според порталот, првиот човек на Еврокомисијата со оваа изјава алудира на Кина, која преку „Еден појас, еден пат“ ги доведува до поголема задолженост државите што учествуваат во него, како што се централноазиските и балканските земји, откако тие почнаа да градат мостови, автопати и тунели, кои не беа способни самите да ги изградат.
Со договорот, ЕУ и Јапонија ветуваат посветување на најголемо внимание на буџетскиот потенцијал и одржливоста на долгот на државите, истовремено зајакнувајќи ги еколошките стандарди.