Како резултат на американските царини врз челикот и алуминиумот, Европската комисија од утре воведува привремени рестрикции на своја територија за челикот од трети земји, вклучително и од Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Овие мерки, наведува ЕК, доаѓаат како одговор на диверзијата на челикот од трети земји кон пазарот на ЕУ откако САД наметна свои царини. Неколку земји се изземени од оваа одлука: Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, како и низа земји во развој кои имаат ограничен извоз на челик во ЕУ.
Брисел потенцира дека традиционалните текови на челичните производи нема да бидат засегнати. Тие се пресметуваат врз основа на последните три години трогвски размени со земјите. Привремените ресктрикции се однесуваат на 23 категории на производи од челик.
– За секоја од 23 категории, царини од 25 отсто ќе бидат наметнати откако увозот ќе го премине просекот на увоз од последните три години. Доделените квоти се одредуваат врз основа на „прв дојден, прв послужен“, така што за сега не се доделуваат по индивидуални земји извезувачи, се наведува во соопштението на Европската Комисија.
Мерките се привремени, што значи дека не можат да траат повеќе од 200 дена. ЕК ќе одлучи, врз основа на консултации, најдоцна на почетокот од 2019 година дали ќе воведе дефинитивни ресктриктивни мерки или не.