Кризата на американско-мексиканската граница ја достигнала точката на „вриење“ поради досега невидениот наплив на мигранти, велат официјални извори од САД, а пренесува Би-би-си.
Комесарот за Гранична и царинска заштита на САД Кевин Мекалинан рече дека „прашање на време“ е кога ќе се случи трагедија во една од нивните објекти во кој се сместени мигрантите.
Повеќе од 13 илјади мигранти се приведени на границата меѓу двете држави само оваа недела, а поголемиот дел од нив кои се обидуваат да влезат во САД од Мексико се семејства или деца без придружба на возрасни.
– Во понеделникот и вторникот приведени се повеќе од 12 илјади мигранти. Од ова утро, таа бројка се искачи на 13.400 луѓе. За нас висока бројка е 4 илјади, а кризно е кога има 6 илјади луѓе. Сегашната бројка е навистина без преседан – рече за медиумите Мекалинан.
Агенцијата за имиграција и царинско извршување и Одделот за здравје и човечки услуги сè уште немаат капацитет да ги примат сите семејства и деца, рекоа официјалните лица.
Комесарот Кевин Мекалинан рече дека неговата агенција очекува 40 илјади деца да бидат во прифатните центри до крајот на март откако се обиделе да влезат во САД, откако претходно биле во рацете на „насилните и сурови шверцери“.
Официјалните лице на Граничната и царинска заштита на САД до крајот на овој месец ќе имаат примено и приведено повеќе од 100 илјади мигранти кои доаѓаат од Мекско, највисока бројка уште од 2008 година.
Агенцијата во моментов има прераспределено дури 750 агенти од нивните стандардни работни позиции на „точките за влез“ и сега тие имаат обврска да ја поддржуваат хуманитарната мисија.
Како што пишува Би-би-си, поради големиот наплив на мигранти, и други федерални агенции се имаат вклучено како помош на постојните како што се Националната гарда и Министерството за одбрана за да се зголеми капацитетот за процесирање на мигранти.