Полицијата вели дека нема преживеани на островот и дека се можни нови жртви меѓу хоспитализираните лица со тешки изгореници
Бројот на жртви во ерупцијата на вулканот на Белиот Остров во Нов Зеланд вчера се искачи на шест, додека осум други лица сѐ уште се водат како исчезнати, меѓутоа властите стравуваат дека и тие се најверојатно мртви, бидејќи на островот засега нема знаци на живот. Полицијата првично најави кривична истрага, но потоа посочи дека е прерано за такво нешто и дека засега испитува дали е некој одговорен за смртта и повредите на туристите. Јавноста, медиумите и аналитичарите во Нов Зеланд прашуваат зошто на туристите им било дозволено да пристапат до островот кога пред само три недели научниците предупредиле за зголемување на вулканските активности, јави Би-би-си.
Во моментот на ерупцијата на островот имало 47 лица, 24 од Австралија, девет од САД, пет од Нов Зеланд, четири од Германија, по две од Кина и од Британија и едно од Малезија. Бројот на жртви се искачи на шест откако едно од вкупно 31 лице хоспитализирани со изгореници им подлегнало на повредите. Лекарите велат дека 27 од хоспитализираните имаат над 30 отсто изгореници по телата и дека очекуваат нови жртви меѓу повредените, пренесе „Гардијан“.
Расел Кларк, болничар што спасувал туристи од Белиот Остров по ерупцијата на вулканот, за ТВ Нов Зеланд изјави дека глетката била како сцена од мини-серијата „Чернобил“ за нуклеарната катастрофа од 1986 година.
– Сѐ беше прекриено со пепел – нагласи тој.
Полицијата нагласи дека засега не може да испрати дронови во набљудувачка мисија на островот поради густиот чад и пепел и силните ветрови. Сеизмичката активност околу вулканот вчера била намалена, но научниците велат дека има 50 отсто шанси за помала или за слична ерупција во наредните 24 часа.
Околу 10.000 туристи годишно го обиколуваат Белиот Остров, но некои експерти сметаат дека приватниот остров и најактивен вулкан во Нов Зеланд е преопасен за да биде туристичка дестинација. Претходната ерупција на вулканот беше во 2016 година, но тогаш никој не беше повреден.