Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во одделни телефонски разговори со шефот на палестинската национална администрација Махмуд Абас и шефот на политичкото биро на движењето Хамас, Исмаил Ханије, најавил дека ќе стори сѐ што е во негова моќ да го мобилизира целиот свет, особено исламски, за да се запре како што рекол, теророт на Израел против Палестинците.
– Оценувајќи ги израелските напади во Ерусалим како терор, ја изразив (во разговорот со палестинските лидери) мојата остра осуда за овие подмолни напади што се навреда за совеста, не само на муслиманите, туку и на целото човештво. Нагласив дека ќе сториме сè за да го мобилизираме целиот свет, особено исламскиот, за да се стави крај на теророт и окупацијата – напиша Ердоган на „Телеграм“.
Тој додаде дека Турција секогаш ќе биде на страната на палестинските интереси, ќе застане покрај своите палестински браќа и ќе ја заштити честа на Ерусалим.
Претходно, израелската армија донесе одлука за зголемување на присуството на границата со Појасот Газа, бидејќи во последно време продолжи ракетирањето од енклавата кон територијата на Израел.
Покрај тоа, конфликтите во источен Ерусалим траат веќе неколку дена.
Според податоците на Црвената полумесечина во Ерусалим, само минатата ноќ, 80 лица биле повредени во конфликтот меѓу Палестинците и израелската полиција.