Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека турската армија заврши со подготовката за евентуална операција источно од реката Еуфрат во Сирија и оти истата може да почне секој момент.
– Ние можеме да почнеме операции на територијата на Сирија секој момент. Нашата храбра армија ја заврши подготовката и плановите за тоа. Можеме да влеземе ненадејно некоја ноќ – посочи Ердоган.
Тој додаде дека при операцијата нема да настрадаат американски војници, кои се распоредени во сириските региони контролирани од Курдите.
Ердоган наведе дека за операцијата разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп, кој позитивно одговорил.
Турскиот претседател на 12 декември изјави дека турската армија за неколку денови ќе почне операција источно од реката Еуфрат во Сирија против курдската милиција Сили за заштита на народот, која за официјална Анкара е терористичка организација поврзана со Курдска работничка партија (ПКК).
Турција од 2016 година спроведе две воени операции на територијата на Сирија – Еуфратски штит и маслиново гранче.