Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека Турција нема да дозволи мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, познат како договор на векот, да го загрози мирот на Блискиот Исток.
– Турција никогаш нема да дозволи мирот во регионот да биде нарушен од американскиот договор на векот. Ние не го признаваме овој план, што значи анексија на палестинска земја, целосно уништување на Палестина и целосно заземање на Ерусалим. Никогаш нема да го прифатиме овој обид, кој предвидува решение преку две држави, но фактички значи легитимирање на израелската окупација под мандат на американската администрација – порача Ердоган во текот на посетата на Малезија.
Договорот на векот беше претставен на 28 јануари од страна на Трамп. Во него се посочува дека Ерусалим е „неделив главен град на Израел“ и со него се признава израелски суверенитет врз големи делови на Западниот Брег.
Во меѓувреме, над сто демократи во Претставничкиот дом на Конгресот потпишаа писмо во кое го отфрлаат мировниот план за Блискиот Исток на шефот на Белата куќа. Членовите на Демократската партија оценуваат дека планот еднакво ќе им наштети и на Израелците и на Палестинците, втурнувајќи ги во поширок конфликт.
– Покрај исклучително проблематичната природа на вашиот предлог, темпирањето на објавата укажува на мотиви што не се поврзани со помагање за решавање на израелско-палестинскиот конфликт – се наведува во писмото.
Во декември, Претставничкиот дом донесе резолуција во која се потврдува поддршката за дводржавно решение на палестинско-израелскиот конфликт, што може да се постигне само преку директни преговори, без еднострана анексија на територијата.