Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се закани дека ќе протера десет западни амбасадори, меѓу кои седум членки на НАТО.
Во понеделникот вечерта амбасадорите на Германија, Франција, Холандија, Данска, Норвешка, Шведска, Финска, како и на САД, Канада и Нов Зеланд упатија апел во кој бараат брзо ослободување на турскиот претприемач и културен спонзор Осман Кавала. 64-годишниот Кавала е во притвор од 2017 година, иако Европскиот суд за човекови права уште во 2019 година ѝ нареди на Турција да го ослободи.
Апелот на амбасадорите веднаш беше проследен со жестока реакција на Ердоган: „ Кој сте вие воопшто? Дали мислите дека можете да ѝ држите лекции на Турција?” беше цитиран од турските медиуми.
Во турското Министерство за надворешни работи во вторникот беа повикани амбасадорите на соодветните земји.
Вчера во Ескишехир, западна Турција, Ердоган рече дека му дал соодветни упатства на Министерството за надворешни работи да прогласи десет амбасадори за непожелни – „персона нон грата“. Ваквиот чекор најчесто значи протерување на дипломат. Ердоган не постави никаков рок – вообичаено е да и се даде рок на амбасадата од 48 часа.