Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека е можно испраќање турски војници во Либија, каде што не стивнуваат борбите помеѓу ривалските влади. Ердоган изјави дека либиската влада, која ја има поддршката од Обединетите нации, побарала од Анкара да испрати војници во Триполи. Според него, турскиот парламент може да го изгласа Законот за испраќање војници уште на почетокот од наредната година, штом пратениците ќе се вратат на работа. Либија претходно побара помош за одбрана на Триполи, кој се соочува со офанзива на противничките сили.
– Владата во Триполи, на премиерот Фајез Сараџ, ја повика Турција да испрати војници во согласност со договорот за соработка што неодамна беше потпишан. Ќе идеме на места каде што сме повикани, а не на места каде што не сме повикани. Во моментов постои таков повик и ќе го прифатиме – истакна Ердоган.
Од друга страна, од кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин порачаа дека Русија го осудува секое вмешување во внатрешните работи на Либија од странските влади.
– Повеќепати го повторивме ставот на Русија кон либиската криза. Москва бара брзо решавање на конфликтот и ставање крај на крвопролевањето во земјата – изјави Димитриј Песков, портпаролот на Путин.
Либија е поделена на две администрации – владата на Сараџ во Триполи и владата на генералот Хифтер на истокот од земјата. Борбите околу Триполи ескалираа изминатите недели откако Хифтер најави офанзива и конечна битка за престолнината. Хифтер ја има поддршката на Обединетите арапски емирати, Египет, Франција и Русија, додека, пак, Сараџ го поддржуваат Турција, Катар и Италија.