Претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин денеска во телефонски разговор разменија мислења за последните случувања меѓу Израелците и Палестинците во Газа, соопшти извор од Кабинетот на шефот на турската држава.
Според истиот извор, тие разговарале за тензиите во регионот, предизвикани од преместувањето на Американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим и за „фактот дека палестинските демонстранти во Појасот Газа биле цел на напади”.
Ердоган го информирал Путин за планираната вонредна средба на Организацијата за исламска соработка на 18 мај во Истанбул.
Претходно денеска Ердоган телефонски разговараше за ситуацијата во Појасот Газа и со германската канцеларка Ангела Меркел, со иранскиот претседател Хасан Рохани, со емирот на Катар шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, со претседателот на Индонезија Џоко Видодо и со претседателот на Судан Омар ал Башир.
Според последните податоци во судирите со израелските сили на 14 мај загинаа над 60 Палестинци, а над 2.800 беа повредени. Од 30 март, кога почнаа пограничните судири на Палестинци со израелски војници во областа се убиени најмалку 110 лица, а над 5.000 се повредени.