– Во најкратко време ќе се спроведе примирјето, а потоа ќе ги направиме другите чекори за кои заедно ќе одлучиме – рече Ердоган на заедничката прес-конференција со Путин.
Рускиот претседател оцени дека Русија и Турција постигнале прифатливо решение за кризата во Идлиб и договориле документ за заедничко регулирање на ситуацијата во Сирија.
Двете земји се согласиле да воспостават безбедносен коридор покрај главниот пат на Идлиб и да спроведуваат заеднички патроли од 15 март.
Безбедносниот коридор ќе се протега на шест километри северно и шест километри јужно од автопатот М4. Конкретните параметри за функционирањето на безбедносниот коридор ќе ги договорат министерствата за одбрана на Руската Федерација и на Турција во рок од седум дена.
Рускиот претседател изрази надеж дека договорот ќе стави крај на страдањето на цивилите и ќе создаде услови за решавање на кризата во Сирија.
Питин потсети дека ова е негова трета средба со Еродган оваа година.
Конфликтот во Идлиб, кој остави раселени речиси милион луѓе, претходните денови се интензивираше меѓу сојузничките бунтовници од една страна и сириските владини сили поддржани од Москва и Техеран од друга страна.
Минатата недела 33 турски војници беа убиени во воздушни напади од страна на сириската влада, поддржана од Русија, по што Ердоган ја почна офанзивата „Пролетниот штит“.