Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска го посети местото на несреќата во Истанбул, каде што во средата се урна осумкатна станбена зграда, при што загинаа 17 лица.
Тој рече дека можат да се извлечат бројни поуки од оваа несреќа.
Причината за уривањето се уште е предмет на истрага, а локалните власти наведоа дека последните три ката биле нелегално изградени. Зградата имала 14 стана во кои живееле 43 станари.
– Во оваа опбласт имаме сериозен проблем со илегалната градба за да се заработат пари, изјави Ердоган и најави одлучни владини мерки.
Тој ја посети и болницата каде што се сместени десетина повредени, од кои седуммина се во сериозна состојба.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу претходно изјави дека 14 лица се спасени од под урнатините на зградата во населбата Картал, во азискиот дел на Истанбул.
– Тие кои ги загубија своите најмили треба да бидат уверени дека одговорните ќе бидат казнети, порача Сојлу.