Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден треба да го одржи ветувањето и да соработува со Турција со цел заедно да стават крај на трагедијата и да ја одбранат демократијата во Сирија, јавува агенцијата Анадолија (АА).
Ердоган зборуваше за Сирија, по повод деценијата од почетокот на граѓанската војна во таа земја.
– Горд сум да кажам дека позицијата на Турција не е променета од почетокот на граѓанската војна во Сирија – рече Ердоган.
Тој рече дека турскиот народ верува дека воспоставувањето систем способен да ги претставува сите Сиријци е од клучно значење за мирот и стабилноста во Сирија.
Според него, мирно и трајно решение нема да биде можно без почитување на територијалниот интегритет и политичкото единство на Сирија.
Ердоган исто така рече дека САД и Турција треба да соработуваат во контекст на Сирија.
– Администрацијата на Бајден треба да го одржи ветувањето и да работи со нас за да се запре трагедијата и да се одбрани демократијата во Сирија – рече Ердоган.
Тој додаде дека Западот прво мора да заземе јасен став против терористите на ЈПГ и режимот на чии раце е крвта на невините во Сирија.