Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, вели дека ставот на Европската Унија кон Турција во последниот период е далеку од конструктивен, пренесе агенцијата „Анадолија“.
Според Ердоган, билатералните прашања на неколку земји-членки не треба да ги доведат во заложништво односите меѓу Турција и ЕУ.
– Во светот во моментот нема друга земја која се бореше толку силно против ДЕАШ како Турција – рече Ердоган и додаде дека на 76.000 лица од 151 земја Турција им забрани влез во земјата, меѓу кои има припадници на ДЕАШ и други терористи.
– Ја фативме постарата сестра на Багдади со сопругот, сега е кај нас. Како последно, фативме и 13 лица од најблискиот круг – додаде тој.
Ердоган рече дека Турција ќе продолжи со згрижувањето на сириските бегалци, без оглед дали доаѓа поддршка или не, но и порача дека ако видат дека таа работа не може да ја продолжат, ќе мора да ги отворат вратите. Турскиот претседател се осврна и на посетата на САД во рамките на која истакна дека ќе стане збор за регионалните прашања, особено за меѓусебните билатерални односи, кaко и за системите „С-400“ и „Патриот“ и за програмата за „Ф-35“.