Компанијата „Епл инкорпорејтед“, која порано одби да го отклучи ајфонот на терористот од Сан Бернардино, даде пристап до податоците од ајклауд серверот со цел да му помогне на Федералното биро за истраги (ФБИ) во апсењето на лице кое нападна полициски автомобили со молотов коктел за време на протестите на „Црни животи значат“ на 30 мај во Сиетл, пренесува „Њузвик“.
Дваесетгодишниот осомничен, Кели Томас Џексон, беше обвинет по две точки за подметнување пожар и две точки за незаконско поседување на деструктивна направа, поради неговите активности за време на протестите кои станаа насилни.
ФБИ доби информации за локацијата на Џексон за време на инцидентот, а откако стапи во контакт со „Епл“ и достави налог, доби пристап и до фотографиите складирани во онлајн-библиотеката на нивниот сервер. Меѓу фотографиите на Џексон имало и скриншот за тоа како се направи молотов коктел и други објави што го поврзуваа со нападот.
– Обвинителството на САД продолжува да работи на спроведување на законот и гонење на оние кои го претвораат заштитениот слободен говор во насилно злосторничко однесување. Ние ќе ги искористиме сите наши алатки за да ги фатиме одговорните за кршење на законот – изјави адвокат Брајан Моран.
„Епл“ е транспарентна во однос на владините барања за споделувањето на податоци за клиенти од целиот свет. Компанијата објавува извештај за транспарентност двапати годишно, откривајќи го бројот на барања доставени до нивната веб-страница. Според податоците, технолошкиот гигант вратил 3.645 од 4.095 американски барања за кориснички сметки за втората половина на 2019 година и 3.259 од 3.619 за првата половина на годинава.
Меѓутоа, во 2016 година, за време на мандатот на претседателот Барак Обама, кога ФБИ побара „Епл“ да помогне во отклучување на ајфонот што го користеше терористот Сиед Фарук, еден од напаѓачите кој уби 14 лица во Сан Бернардино, Калифорнија, извршниот директор на компанијата, Тим Кук, не даде таква дозвола.
Одделот за правда одговори со барање од федерален судија со кое му се наредува на „Епл“ да ги заобиколи безбедносните функции на телефон. Овој потег брзо го разгоре долготрајниот спор околу заштитните мерки за енкрипција на ајфон-телефоните.
Случајот во Сан Бернардино и протестите на „Црните животи значат“ покажуваат дека иако „Епл“ е подготвен да ги исполни владините барања за пристап до податоците на корисничката сметка, не дава пристап за заобиколување на безбедносните функции на нивните уреди.
Ова натера многумина да веруваат дека „Епл“ ќе ги заштити податоците на корисниците, и покрај тоа што отворено го споделуваше извештајот за транспарентност на својата веб-страница од 2013 година.