Европската комисија денеска соопшти дека го следи движењето на луѓе низ балканската бегалска рута, при што изминативе недели е забележано зголемување на бројот на мигранти и бегалци, но оценува дека сепак „вкупната состојба е стабилна“.
– Нормално е да постои движење низ балканската рута. Позицијата на Европската комисија од секогаш беше дека балканската рута не е затворена, изјави портпаролката на Еврокомисијата, Мина Андреева.
Таа истакна дека Европската комисија заедно со Европската погранична и крајбрежна агенција (Фронтекс) го следи развојот на вкупната состојба во балканскиот регион и ја обезбедува потребната помош.
– Вкупната состојба е стабилна уште од постигнувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција, додаде Андреева.
Според неа, Еврокомисијата е во постојана комуникација со сите земји членки и со државите од Западен Балкан со цел да се реагира при евентуален мигрантски притисок во согласност со правилата.
– Во регионот моментно има 125 припадници на Европската погранична и крајбрежна агенција. Доколку биде потребно, подготвени сме да ја зајакнеме поддршката, истакна Андреева.
Таа најави дека наскоро ќе бидат финализирани и договори меѓу ЕУ и земјите од западен Балкан, со кои ќе и се овозможи на Фронтекс учество во контролата и по потреба и директно управување со загрозените граници.