Три лица се повредени во експлозија што се случи денеска во близина на главната железничка станица во Минхен, Германија, соопшти градската противпожарна служба.
Експлозијата била предизвикана од бомба останата од Втората светска војна, која го запрела железничкиот сообраќај во областа. Експлозијата се случила на градилиште во близина на железничката станица. Тројца работници се повредени, а еден од нив е тешко повреден, пренесува АФП.
– Бомба од Втората светска војна беше причина за експлозијата – потврди баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман.
Тој додаде дека за време на работите на градилиштето, работниците случајно погодиле бомба тешка 250 килограми.
Германската железничка компанија „Дојче Бан“ соопшти дека превентивно е прекинат железничкиот сообраќај, со оглед на тоа што експлозијата се случила во близина на мостот преку кој минуваат возовите.