Автори: Рајан Џ. Фоли и Кристина А. Кесиди
Асошиејтед прес
Што се случи во Ајова со ултрамодерниот план за електронско гласање на Демократската партија за да се забрза соопштувањето на резултатите од пленумот? Одговорот е „сè што можеше да се замисли“.
Малку позната стартап компанија беше избрана од страна на партиските лидери за да развие мобилна апликација за пренесување на неофицијалните резултати, со тоа што името на фирмата се чуваше во тајност. Додека безбедносните експерти ја тестираа програмата, многу од луѓето што требаше да ја користат во 1.678 изборни единици во Ајова не добија никакви обуки. Софтверскиот проблем во апликацијата даде нејасни резултати што ги натера партиските членови да не го објават извештајот и да го употребат стариот систем за потврда на резултатите.
Кога дојде време да се активира апликацијата во понеделникот навечер, настанаа големи забуни, што беше слично на хаосот за кој предупредуваа експертите за безбедност на изборите. Но иако поголем дел од вниманието беше насочено на странското мешање, како руските обиди во претседателските избори пред четири години, проблемите што настанаа во Ајова истакнаа колку сериозни можат да бидат техничките грешки. Ова исто така го нагласи ризикот од потпирање само на електронско гласање кои поборниците за изборен интегритет го сметаат за недоверливо.
– Ако бев активен на Твитер, ќе го воведев хаштагот „ти реков“. Изгледа како да се оствари најлошото сценарио – изјави Даглас В. Џонс, професорот по компјутерски науки на универзитетот во Ајова и воедно експерт за изборна безбедност.
Џонс предупредуваше пред пленумите, оти планот на Демократската партија во Ајова за користење непроверена апликација за настан од големо значење, претставува ризичен потег, подриен од тајноста на компанијата и недостигот на јавна доверба во нејзините можности.
За разлика од ноемвриските избори и внатрепартиските избори што ги спроведуваат државни и локални изборни претставници, пленумот во Ајова го организираше тамошната Демократска партија. Вчера, демократите од Невада изјавија дека нема да ја користат истата апликација или фирмата што ја креирала за потребите на нивниот пленум закажан за 22 февруари, за да не се јават истите проблеми.
Иако апликацијата неколку дена претходно беше достапна за преземање за организаторите на пленумите, некои чекаа до понеделникот за да го сторат тоа и потоа имаа тешкотии да ги следат инструкциите или добиваа пораки за грешка во процесот. Од тамошната партија претходно изјавија дека планирале да го одложат користењето на апликацијата за да се намали ризикот од хакерски напади – одлука која е во корист на безбедноста, но остава малку простор за грешки.
– Многу луѓе имаа проблем да ја преземат апликацијата и не беа задоволни кога ја тестираа, па затоа се договоривме да не ја користиме – изјави Рут Томпсон, која е надлежна за изборната единица во средното училиште „Линколн“ во Де Моин.
Откако разбрале за долгото чекање за одговарање на телефонските повици во штабовите, Томпсон и други искусни во процесот, со помош на калкулатор ги пребројувале резултатите од распределбата на делегатите и потоа испратиле фотографија од резултатите до партиските претставници во округот Полк, кои потоа ги пренеле до партиските штабови.
Иако апликацијата беше „најпосакуван метод“ за пребројување на резултатите, партијата имаше и телефонска линија достапна за организаторите на пленумот за соопштување на резултатите. Но и таа за кратко време беше блокирана, па така дел од организаторите мораа цел час да чекаат пред да можат да зборуваат со некого.
Пријавените проблеми се влошија со новите услови според кои организаторите од сите изборни единици мораа да прибираат и споделуваат информации за процесот да биде потранспарентен. За првпат, секоја изборна единица прибираше податоци за бројот на поддржувачи за секој кандидат на почетокот од вечерта и потоа поддржувачите на кандидатите со најмалку гласови беа преместени во други групи.
Партиски претставници ја бранеа ваквата одлука за одложување на соопштувањето на резултатите, со тоа што претпочитаа точност пред брзина. Но пред понеделничките пленуми, тие ја пофалија автоматската способност на апликацијата да го пресмета бројот на делегати и да ги соопшти резултатите што бил далеку подобар начин од сложената математика и мноштвото телефонски повици на кои системот долго време се потпираше.
Партиските претставници од таа држава изјавија дека од блиску работеле со тимот за сајбербезбедност на Демократскиот национален комитет за да ги прегледаат безбедносните протоколи. Тие ги минимизираа шансите за појава на проблеми, истакнувајќи дека пребројувањето на хартиените гласови на крајот ќе го даде точниот резултат што всушност и се случи вчера.
„Мајкрософт“ разви слична апликација која успешно ја користеа двете партии во 2016 година, но во овој циклус Демократите решија да користат доброповрзан, но помалку познат стартап. Во вчерашна објава на Твитер, фирмата „Шедоу“ призна по неколкумесечна тајност, дека токму таа била ангажирана за да ја креира апликацијата и се извини за неуспехот. Фирмата вклучува искусни лица од претходните изборни кампањи на Демократите и од технолошки компании, а беше основана на почетокот од 2019 година од страна на „АКРОНИМ“, групата за дигитален маркетинг на демократите.
– Искрено жалиме за одложувањето на конечните резултати од гласањето на пленумот во Ајова, како и за неизвесноста кај кандидатите, нивните кампањи и демократските учесници во пленумите – соопштија од компанијата.
Од „Шедоу“ изјавија дека апликацијата прибирала податоци на „солиден и прецизен“ начин, но во процесот за пренесување на резултатите од апликацијата до партијата се јавил софтверски проблем што ги измешал бројките. Компанијата изјави дека грешката веднаш била поправена.
Извештаите за финансирање на кампањата покажуваат дека Демократската партија во Ајова платила 63.000 долари на фирмата на крајот од 2019 година додека демократите од Невада ѝ платиле на „Шедоу“ 58.000 долари за технолошки услуги во август со дополнителни наплаќања од вкупно 50.000 долари во октомври и ноември. Најмалку три демократски претседателски кампањи користеа апликации на „Шедоу“ – Кирстен Гилибренд, Пит Бутиџиџ и Џо Бајден. Но од таборот на Бајден изјавија дека се откажале од апликацијата на „Шедоу“ поради безбедносни причини. Гилибренд оттогаш се откажа од трката.
Надлежните во изборните единици постојано имаа проблеми со апликацијата. Кога ја презедоа на нивните телефони, добија предупредувања дека апликацијата можеби нема да биде безбедна затоа што не била поставена на традиционалната продавница за апликации. Овие предупредувања исплашија дел од корисниците.
Други корисници пријавиле проблеми со најавувањето и поставувањето на двојна проверка на автентичност што опфаќаше „кју-ар“ код и систем за текстуални пораки. Оние кои успешно го спроведоа тој чекор пријавија дека апликацијата се блокирала во најважните моменти, или се појавиле збунувачки пораки со грешки кога се обиделе да ги пријават резултатите.
Превод: Билјана Здравковска