Францускиот телеоператор „Оринџ“ и неговиот поранешен директор Дидиер Ломбард се прогласени за виновни за „морална злоупотреба“ која довела до серија самоубиства за време на реструктуирањето на компанијата во раните 2000-ти, пресуди судот во Париз.
Историската пресуда против поранешниот телеоператор, кој го држеше монополот во земјата, најверојатно, ќе влијае на управните одбори во други француски компании, бидејќи го отвора патот за слични колективни судски процеси.
Дидиер Ломбард доби условна затворска од една година затвор ако го повтори делото во следните осум месеци. На иста казна се осудени и заменикот на Ломбард, Луи-Пјер Венес и поранешниот директор на одделот за човечки ресурси Оливиер Барберот. Сите тројца добија и парична казна од по 15.000 евра.
Самоубиствата на вработени во компанијата во првата деценија на 21 век предизвика истражување на корпоративната култура во Франција.
Судот ја прогласи „Оринџ“ за виновна за истите обвиненија и ѝ изрече казна од 75.000 евра.
– Во финансиска смисла, казната е блага, но ова е првпат француска компанија да биде осудена за морална злоупотреба и тоа е многу лошо за нејзиниот углед – рекол еден адвокат, кој сакал да остане анонимен.
Според него, пресудата ќе влијае на другите компании затоа што создава преседан за корпоративна одговорност. Досега многу директори биле осудени за злоупотреба и честопати биле отпуштани, но до денес, цели компании не биле осудени.
Компанијата „Оринџ“, која лани заработила 3,3 милијарди долари, соопшти дека нема да се жали на пресудата.
Обвинителството навело дека методите што се користеле за реструктуирање на компанијата, која тогаш се викала „Франс телеком“, по приватизацијата, предизвикале бран на самоубиства. Во обвинението се наведени најмалку 18 самоубиства и 13 обиди за самоубиство во периодот од април 2008 до јуни 2010 година.