Европскиот парламент го обвини Европскиот суд на правдата дека ризикува да си го наруши угледот зашто им дозволува на судиите да користат службени возачи и возила финансирани од даночните обврзници за приватни цели и дека одбива да комуницира со парламентот за тоа прашање.
Сите 38 судии и адвокати на највисокиот суд на ЕУ со седиште во Луксембург имаат на располагање службен автомобил со возач. Европскиот парламент неодамна обвини за можна злоупотреба на оваа услуга за приватни патувања на судиите во нивните родни земји во текот на финансиската 2018 година. Парламентот наведува случаи кога судии ја користеле услугата за да посетат изложби, поради лошо време, здравствени или безбедносни причини.
Парламентот предупреди за „високи ризици по етиката и угледот на судот“, нагласувајќи дека таквите патувања надвор од Луксембург, кои не се поврзани со работата, треба да се случуваат „само во исклучителни и оправдани случаи“. Од судот за „Политико“ велат дека веќе презеле „порестриктивен пристап“, но дека сите досегашни случаи се „оправдани“.