Унгарскиот закон со кој се бара невладините организации јавно да ги посочат своите донатори од странство го крши законот на Европската Унија за заштита на основните права, пресуди денеска Европскиот суд на правдата (ЕСП).
Ограничувањата утврдени со законот се дискриминаторски и неоправдани и ја нарушуваат слободата на циркулација на капиталот, правото на почитување на приватниот живот и слободата на здружување, објасни судот со седиште во Луксембург.
„Со наметнување за индивидуалните граѓански организации обврска да се регистрираат, пријавуваат и јавно објавуваат (податоци) за директна или индиректна помош што ја добиваат од странство (…), Унгарија воведе дискриминаторски и неоправдани ограничувања и за организациите и за нивните поддржувачи“, цитира „Ројтерс“ дел од судската пресуда.
Европската комисија се обрати до ЕСП во 2017 година, барајќи мислење за законот донесен од унгарската Влада за транспарентност на граѓанските организации и донации од странство, потсетува агенцијата АФП.
Владата во Будимпешта тврди дека со законот се спротивставува на неправедното влијание од странство.
Критичарите на унгарскиот закон тврдат дека тој првенствено е насочен против Џорџ Сорос, американски милијардер со унгарско потекло, кој ја основа Фондацијата Отворено општество во 1984 година, што, пак, е трн во окото на премиерот Виктор Орбан.