Европскиот парламент конечно ја потврди новата Европска комисија, на чело со Урсула фон дер Лејен, која в недела, на 1 декември, ќе го почне својот петгодишен мандат. Само еден месец подоцна од предвидениот рок. Тој еден месец не е многу, бидејќи во минатото имало и подолги чекања, понекогаш и до февруари. Почетокот на мандатот на Европската комисија, на истиот ден кога почнува мандатот и на новиот претседател на Европскиот совет, го означува новиот почеток за Европската Унија, но и крај на сапуницата, која, без сомневање, во ЕУ остави лузни. Имаше многу лутина, бес, компромиси, поразени и навредени. Целиот тој хаос и доведе до неочекуваниот избор на Урсула фон дер Лејен за нова шефица на комисијата, иако нејзиното име пред тоа не се спомнуваше меѓу резервните варијанти.
Најголем губитник е секако Европскиот парламент и оние што останаа цврсти во настојувањата да се зачуваат начелата на главните кандидати. Државите-членки што беа против тоа начело, пред се Франција, победија.
Прва жена на чело на Европската комисија
Манфред Вебер, кандидатот на Европската народна партија, иако водеше кампања по цела Европа, говорејќи дека тој ќе ја води комисијата, ќе мора пет години да се задоволи со улогата на шеф на парламентарната група. Подобро помина главниот кандидат на социјалистите и демократите Франс Тимерманс. Тоја барем ќе биде „прв извршен претседател“, но такви има дури тројца во идната Европска комисија, покрај уште неколку други потпретседатели.
Бидејќи европарламентарците се дел од истата политичка клика како и националните лидери, а таму дојдоа исто така најчесто благодарение на политички критериуми, тие на крајот мораа да попуштат и денес само ќе бараат причини на кои ќе се повикуваат кога ќе објаснуваат зошто гласале за оваа комисија.
Сите ќе спомнат дека оваа комисија е првата што ја води една жена и дека има најдобра родова рамнотежа во историјата. Социјалистите ќе кажат дека во неа нивните кандидати ќе имаат поважна улога од порано. Истото тоа ќе го кажат и либералите, а ЕПП, иако помалку од порано, ја задржа главната улога, бидејќи, покрај претседателката, има и еден „извршен“ потпретседател и уште тројца потпретседатели.
Европскиот парламент урна тројца кандидати. На двајца воопшто не им дадоа шанса да ги докажат своите способности бидејќи не минаа ниту на Одборот за правни прашања, кој го одмеруваше потенцијалниот судир на интереси. Единствената кандидатка што падна по сослушувањето е Французинката Силви Гулар, со што Вебер му го врати ударот на францускиот претседател Емануел Макрон бидејќи тој го блокира неговиот избор за претседател на комисијата.
Нема сомневање дека Фон дер Лејен е способна да ја води Европската комисија. Но нејзиниот претходен политички профил е далеку од она што го имаа претходниците како Романо Проди, Жозе Мануел Баросо и Жан Клод Јункер, кои се политички „тешкаши“ и беа премиери пред доаѓањето на чело на комисијата. Од друга страна, тој аргумент не е најдобар за оние што го заговараа принципот на главни кандидати, бидејќи, според него, Вебер би бил на уште понизок ранг.
Еднаквоста на државите е само мит
Пред оваа Европска комисија ќе има многу предизвици, а ќе мора да работи и на лекувањето отворени рани што настанаа за време на изборот на челниците на институциите на ЕУ. Но очекувањата не би смееле да бидат големи, бидејќи, на крајот на краиштата, успехот на ЕУ се мери според конечните одлуки и резултати, а тука главниот збор и натаму го имаат државите членки. Европската комисија беше и ќе остане во служба на државите членки. И по тоа прашање владее митот дека сите држави се еднакви. И оваа комисија најмногу ќе ги слуша советите од Берлин и Париз, како што беше тоа обичај изминативе пет години, додека комисијата ја водеше Жан Клод Јункер.
Бидејќи во ЕУ повеќе ќе ја нема Велика Британија, улогата на Германија, а особено на Франција ќе се засили уште повеќе. На Урсула фон дер Лејен нема да ѝ биде лесно да балансира меѓу државите-членки, а особено меѓу Европскиот парламент и советот.
Ова е така бидејќи парламентот ќе живее со чувството на губитник, па ќе ја чека можноста да го врати ударот и да ја повикува на ред комисијата кога и да му се укаже шанса за тоа. Несудениот претседател на комисијата Вебер веќе предлага поголеми овластувања за парламентот во надгледувањето на работата не само на комисијата туку и на владите на државите-членки во спроведувањето на ЕУ-проектите.
Одржувањето на единството на ЕУ секогаш било предизвик, но сега за комисијата на Урсула фон дер Лејен тој ќе биде уште поголем. Поделбите никогаш не биле поголеми отколку што се денес и никогаш не било потешко да се помират спротивставените ставови за клучните прашања, како што се миграцијата, повеќегодишниот буџет, но и самото толкување на вистинските вредности на Европската Унија.
(Аугустин Палокај, „Јутарњи лист“)