Европратениците од комисијата за правда и слободи на Европскиот Парламент со 37 гласа „за“ и 19 „против“ гласаа за активирање на членот 7 од Лисабонската повелба против Унгарија.
Членот 7, попознат како „нуклеарната опција“ на ЕУ, предвидува суспендирање на правото на глас на една земја членка во ЕУ. Доколку овој член се активира, прво и се испраќа предупредувања на засегнатата земја, и доколку земјата не ги преземе потребните чекори за да ја коригира состојбата, тогаш и се суспендира правото на глас во Советот на ЕУ.
Никогаш досега овој член не бил активиран во ЕУ, но последните случувања во Унгарија се повеќе го загрижуваат Брисел, особено откако унгарската влада одлучи да ги гони кривично невладините организации кои им пружаат помош на мигрантите и бегалците во Унгарија.
Со ова гласање денеска европратеници испраќаат политички сигнал до владата на Виктор Орбан.
-Унгарската влада одлучи да ги игнорира сите меѓународни предупредувања и препораки за заштита на основните елементи на либералната демократија, изјави шефот на либералната група во ЕП, Ги Верхофштат. Соучесништвото на Европската Народна Партија во поткопувањето на нашите ЕУ вредности е необјасниво и помага натаму да се урива владеењето на правото во Унгарија. Ги повикувам сите членови на Европскиот Парламент, без разлика на политичката боја, да преземат одговорност и да ни помогнат да го спречиме Фидес (партијата на Орбан) да ја уништи унгарската демократија пред да биде доцна, порача Верхофштат.
Кај социјал-демократите слични пораки до европското семејство на Орбан.
– Орбан ги нападна независните медиуми, невладините организации и сега се врти кон независноста на судството. Лидерите на ЕПП на европско ниво како и во земјите членки треба да се кренат за европските вредности во кои велат дека веруваат и да преземат вистински акции против унгарската влада-порача шефот на социјал-демократската група, Удо Булман.
Во септември, Парламентот на пленарна седница ќе гласа за овој извештај, каде треба да добие најмалку 376 гласа за да биде усвоен.