Подготвил: Дејан Србиновски
Повеќето од Европејците сакаат да ја задржат можноста за работа од дома и по завршувањето на пандемијата на коронавирусот, покажува најновото истражување на „Јуроњуз“
Ова време на пандемија што го живее светот натера илјадници работници низ светот да ги извршуваат своите работни обврски од дома, се разбира сепак во оние дејности во кои природата на работата го дозволува тоа. Токму во таа насока периодов во Европа беа направени многу истражувања за дилемата дали во периодот што доаѓа сѐ повеќе ќе има извршување на работните обврски надвор од просториите на канцеларијата како резултат на новата реалност што ја наметна ковид-19. Во последното истражување на „Јуроњуз“ на оваа тема се наведува дека речиси секое четврто од десет лица во Европската Унија (ЕУ) започнало да работи од дома како резултат на епидемијата на коронавирусот. Дополнително над половина од испитаниците од Финска, Белгија, Луксембург и од Холандија истакнале дека го промениле начинот на работа од своите домови. Додека во Романија, според истражувањето на „Јуроњуз“, единствено едно од пет лица работат во домашни услови што земјата ја класифицира на дното од листата во истражувањето.
Експертите велат дека ковид-19 ќе ја навести промената на работата во канцеларија, а организациите ќе мора да се приспособат на новите услови.
– Овој стар хиерархиски модел преку кој функциониравме во текот на изминатиот век и беше во согласност со индустриската ера, сега не е соодветен за дигиталната ера во светот, која сама по себе многу пофлуидна, пофлексибилна и подецентрализирана – истакна Јоана Брајденбах, авторка на книгата „На иднината на работата потребна ѝ е внатрешна обнова“.
Холандскиот претприемач Дин ван Левен се согласува со неа и смета дека денешната култура помалку претпочита команда и контрола.
Промената на локацијата на работното место од канцеларијата во домот исто така бара од вработените да бидат повеќе самомотивирани, да бидат подготвени за промени и да бидат флексибилни, но постои и друга вештина, според Брајденбах, која е од суштинско значење ако се посакуваат успешни резултати во дигиталниот свет.
– Луѓето исто така треба подобро да знаат да комуницираат, затоа што во моментот во кој работиме на далечина и немаме фиксни структури и процеси што ни кажуваат што треба да правиме секоја секунда од денот, ние треба да комуницираме на директен и на транспарентен начин меѓу себе за ефикасно да ги завршиме работните задачи – истакна таа.
– Сегашната култура вели дека сите сме возрасни и се очекува секој да си ја заврши својата работа. Луѓето повеќе не го мерат времето што физички го поминуваме на своето работно биро во канцеларијата и фокусот е на кон конечниот производ што всушност е вредноста на сработеното. Мислам дека ова е позитивна промена – порача Ван Левен, кој е основач на консултантската фирма „Тумороу, тудеј, глобал“ чија специјалност е иднината на работењето.
Работењето од дома може да претставува предизвик за работничките права, но синдикатите велат дека работниците имаат еднакво исти право како и кога работат од канцеларија. Естер Линч, која е заменик-генерална секретарка на Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ), предупредува дека работниците мора да направат јасна граница меѓу работното и личното време.
– Мора да постојат јасни граници и работникот мора да има поголема контрола токму врз овие граници. Мора да постои поголема доверба, така што работодавците ќе мора да им веруваат на нивните вработени кога ги реализираат нивните работни задачи. Не мора да го бројат секое чукање на тастатурата и не треба тесно да ги надгледуваат и следат – посочи таа.
Синдикатите исто така сметаат дека трошоците поврзани со работењето од дома, како струја, безжичен интернет или секаков друг потрошен материјал треба да се надоместат од страна на работодавците.