Деновиве се одбележува 40-годишнината од првото лансирање на ракетата „Аријана“ од Куру во Гвајана, со која Европа се вклучи во меѓународната трка за вселената. Европската вселенска програма во изминатите четири децении спроведе 250 лансирања и испрати речиси 400 сателити во орбитата.
Токму сателитите имаат сѐ поголема улога во нашите секојдневни животи. Тие се користат за комуницирање, гледање телевизија и лоцирање преку џи-пи-ес и се од есенцијално значење за безбедноста, одбраната или научните набљудувања и анализи на планетата.
„Аријана“ се соочува со жестока конкуренција од новите играчи, а приватните компании како што се „Спејсекс“ или „Блу ориџин“ направија вистински напредок со развојот на иновативни ракети што можат повторно да се користат. Друг предизвик за „Аријана“, како и општо за Европската вселенска програма, е големата финансиска доминација на НАСА, американската вселенска агенција. И додека и Кина ги засилува своите напори, Европа сега планира да потроши 16 милијарди долари за зајакнување на нејзиното вселенско лидерство.
Целта на „Аријана“ е да добие конкурентна предност преку намалување на трошоците за производство и развојот на нови функции, како што е ракетниот мотор што може да спроведува покомплексни мисии. Сега, вниманието е насочено кон идната ракета „Аријана 6“, чија прва мисија е планирана за средината на 2020 година.