Европскиот парламент денеска со големo мнозинство усвои Резолуција за заштита на новинарите.
Во текстот на документот, за чие усвојување гласаа 573 од вкупно 750-те членови на Европарламентот, остро се осудува убиството на словачкиот истражувачки новинар Јан Куцијак во февруари годинава и се повикува Братислва да спроведе меѓународна и независна истрага за случајот.
Извори во Европарламентот соопштија дека се размислува Програмата за обука на новинари на оваа институција да биде именува по Куцијак, кој беше убиен во време кога работеше на истражувачка сторија за поврзаноста на луѓе блиски до поранешниот словачки премиер Роберт Фицо со италијанската мафија.
Во усвоената Резолуција се осудуваат и навредливите коменатри на некои европски политичари упатени кон новинарите и се повикуваат земјите членки на ЕУ да ги гарантираат личните слободи и неприкосновеноста на домовите на медиумските работници.
Со Документот се апелира и до членките на ЕУ да ги заштитат новинарите од притисоци, обвиненија за клевети, судски прогон и попречување во работата.
Европратениците повикаа и на формирање фонд на ЕУ за поддршка на независното истражувачко новинарство и за подготовка на европско законодавство за медимуски слободи и плурализам, во чии рамки подобро би се следела сопственоста на медиумите и нивното финансирање.