Европскиот Парламент денеска ја потврди својата позиција за ревизија на сегашните правила во Кодексот за границите на Шенген, кои им овозможува на земјите-членки на ЕУ да вршат привремени проверки на внатрешните граници во рамките на Шенген зоната во случај на сериозна закана за јавната политика или внатрешната безбедност.
Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, Европарламентот и Советот на ЕУ годинава започнаа преговори за ревизија на Кодексот, но разговорите беа прекинати кога стана јасно дека компромис е невозможен.
Европратениците го усвоија текстот со 339 гласови „за“, 205 „против“ и 62 „воздржани“. Со документот, европратениците се согласија да го намалат почетниот период за гранични контроли од шест на два месеци и да го ограничат секое продолжување на максимум една година, во споредба со две во моментов.
Пратениците сакаат земјите од Шенген зоната да обезбедат детална проценка на ризикот, ако привремените гранични проверки продолжат по иницијалниот период од два месеца.
Покрај тоа, секое дополнително продолжување подолго од шест месеци ќе бара Комисијата да испита дали продолжувањето е во согласност со законските барања и треба да добие овластување од Советот на министри на ЕУ. Европратениците, исто така, сакаат Парламентот да биде информиран и вклучен во постапката.
– За Шенген не може да се преговара. Денешниот текст има за цел целосно да го врати. За жал, Советот не покажа подготвеност да преговара за компромис, бидејќи статусот кво ги задоволува некои големи земји-членки, како што се Франција и Германија. Нелегалните и нелегитимни контроли на внатрешните граници на Шенген се поставени повеќе од три и пол години. Време е да се ослободиме од тоа или Комисијата ќе се обрати пред правдата за да го стори тоа, изјави известувачката на Европарламентот по ова прашање, словенечката европратеничка Тања Фајон.
Австрија, Германија, Данска, Шведска и Норвешка во моментов вршат контрола на внатрешните граници поради исклучителни околности поврзани со миграциската криза во 2015 година. Покрај тоа, Франција врши контрола на внатрешната граница поради постојаната терористичка закана.