Со 355 гласа за и 90 против, Европскиот Парламент денеска усвои Резолуција со која бара да се забранат неофашистичките и неонацистичките групи во Европската Унија.
Поттикнати од растот на неофашистичките движења во Европа и, како што велат, нормализацијата на фашизмот, расизмот и ксенофобијата, европратениците ги повикуваат земјите членки на Унијата да ги забранат овие групи.
Резолуцијата предлага основање на единици во полициските сили чија функција би била борба против злосторствата од омраза.
Парламентот бара државите членки на ЕУ јасно да ги осудат и санкционираат злосторствата од омраза, како и говорот на омраза кој доаѓа од политичари и функционери бидејќи тоа „директно ги нормализира и зајакнува омразата и насилството“.
Дел од Резолуцијата е посветен на спортските федерации и фудбалските клубови од кои се бара активна осуда и санкционирање за сите расистички и фашистички појави како и „позитивна промоција на образовни активности“ за младите.
Потребно е да се дејствува и на интернет за справување со феноменот на омраза и расизам, сметаат европратениците.
Резолуцијата го наведува масакрот на норвешкиот остров Утоја од страна на неофашистот Андреј Брејвик, потоа убиството на британската пратеничка Џо Кокс од страна на припадник на радикална десница како и низа други фашистички инциденти ширум Европа.
Европската мрежа против расизмот, ЕНАР, го поздрави денешното гласање.
„Молкот пред расистичкото насилство и говор има многу штетни ефекти, не само врз жртвите туку и врз целото општество. За жал, традиционалните политички партии често легитимираат расистички и ксенофобични говори кои доаѓаат од екстремната десница и неофашистичките групи, наместо силно да ги отфрлат“, стои во реакцијата на ЕНАР.
Организацијата бара од политичарите да ја употребат нивната позиција за да се спротистават на сите наративи кои водат кон насилство и да усвојат соодветни мерки.