Европските парламентарци одржаа дебата за „златните визи“, контроверзни шеми кои постојат во одредени земји членки, каде богати бизнисмени добиваат европско државјанство во замена за значајни инвестиции.
Кипар е најпознатата земја членка на ЕУ по овие шеми, но не е единствена, Малта или Австрија исто така се под сомнеж за вакви активности. „Златните визи“ им овозможуваат на милијардери од трети земји да добијат европско државјанство и со тоа директен пристап до заедничкиот пазар на ЕУ. Критичарите на оваа шема велат дека е пред се неправедна кон обичните мигранти кои не можат лесно да добијат државјанство во земја членка на ЕУ.
Но, најголемата загриженост е онаа што се однесува на корупцијата. Милијардерите кои бараат вакви шеми се најчесто корумпирани и бараат начин да ги избегнат даночните обврски, сметаат противниците. Бидејќи ЕУ не познава граници, кога милијардерот добива европско државјанство тој потоа слободно се движи низ целата Унија, предупредуваат противниците. Најчести кандидати за ваквите визи се руските милијардери. Неодамна истражувачката мрежа откри дека рускиот бизнисмен Олег Дерипаска, близок до Путин, и споменат во скандалот на руското влијание во американските претседателски избори, купил кипарски пасош.
Европратениците денеска одржаа дебата на оваа тема на пленарната седница на ЕУ Парламентот во Стразбур. Мнозинството пратеници, од десницата како и од левицата, се изјаснија против овие шеми.
– Огромни мултинационални компании и богати индивидуи можат да го прекршат социјалниот договор затоа што имаат повеќе пари и избегнуваат да плаќаат данок. Златните визи се и дискриминаторски товар со кој треба да се справиме. Низ годините, Европејците макотрпно работеа за да му дадат значење на тоа што е да си Европеец, затоа треба да создадеме повеќе заеднички правила кои нема да бидат дискриминаторски и не смееме да му даваме цена на европското државјанство – изјави Дариуш Росати, портпарол на Европската народна партија (ЕПП).
Кај социјалистите преовладува истото противење на оваа шема која ја нарекуваат „кеш за пасош“.
– Во еден облик или друг 13 ЕУ земји нудат некаков вид златна шема. Ова има последици за целата ЕУ, бидејќи овие нови граѓани се стекнуваат со право на слободно движење. Како што покажаа скандалите низ години, ретко има контрола врз изворот на богатството на овие луѓе – изјави Биргит Сипел од социјал-демократите.
Европарламентарците бараат од Европската комисија да ги мониторира овие активности во земјите членки, да ги оцени во согласност со европските вредности и да објави извештај на оваа тема кон крајот на оваа година.