Беспилотните летала и тешко вооружени дронови се користат со смртоносен ефект во конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија
Автор: Стивен Брајан
Азија тајмс
Дроновите играат огромна улога во конфликтот во Нагорно-Карабах меѓу Ерменија и Азербејџан. Израелски, турски, руски и локално произведени дронови, но и такви со тешко вооружување се користат во конфликтот и се причина за најголем дел од загубите, особено за Ерменија, која загуби оклопни возила, лансирачи на повеќе ракети, истовремено и платформи за воздушна одбрана. Азербејџан тврди дека го соборил ерменскиот ракетен систем земја-воздух „с-300“ со помош на израелскиот „хароп“. Ерменија ги негира тврдењата.
„Хароп“ е таканаречен „самоубиствен дрон“ во производство на израелската воздухопловна индустрија (порано позната како израелска авионска индустрија) и се смета за тешко вооружување. Израел исто така го снабдува Азербејџан со други видови на тешко вооружени дронови, како што се „скајстрајкер“; „орбитер 1к“, „орбитер 3“, „тандер б“, „хермес 450“, „хермес 900“ и „херон тп“.
Турскиот вооружен дрон „бајрактар тб2“ исто така се користи во тековните борби. Никој не знае кој управува со нив, иако со оглед на агресивната турска поддршка за Азербејџан, разумно е да се претпостави дека беспилотните борбени дронови од моделот „бајрактар“ (познати и под името беспилотни борбени летала) ги управуваат турските сили.
Дронот „мам-л“ има боева глава од 22 килограми и се управува со ласер. Постојат четири различни видови на боеви глави за овој вид на дрон. Едната, која наводно се користи во Нагорно-Карабах, располага со кластерска муниција наменета за напад врз луѓе. Тешко е да се добие прецизна слика од која било страна околу тоа што е уништено со помош на тешко вооружените и обични дронови. Прилично е јасно дека современото војување претрпе промени и сега се користат токму дроновите и оние со тешка муниција. Овој вид на оружје е релативно рентабилно, не вклучува воен персонал и може да предизвика значајна штета со деградирање на непријателската воздушна одбрана. Иако е сосема точно дека голем дел од овие дронови беа соборени, сепак се покажаа успешно во однос на целите од висока важност.
Иако ниедна страна нема капацитет да користи мноштво дронови како дел од тактиката на бојното поле, сепак други држави како Кина и Иран веќе работат на вакви стратегии. Ова може дополнително да го усложни бојното поле од гледна точка на одбраната во иднина. Сериозното прашање со кое се соочија двете спротивставени страни во Нагорно-Карабах е што ќе се случи откако ќе ги потрошат самоубиствените дронови и оние со тешко вооружување.
Превод: Билјана Здравковска