Донациите собрани за обнова на Богородичната црква во Париз, според првичните проценки, далеку ги надминуваат трошоците за поправка. Од минатата недела, кога пожарот уништи голем дел од катедралата во Париз, од целиот свет стигнуваат донации за обнова на црквата.
Само 10 дена од кога покривот и дел од конструкцијата се урнаа во големиот пожар на 15 април, луѓе од целиот свет, и милијардери, ветија дека ќе дадат најмалку 750 милиони евра, пренесе Би-би-си.
Според една проценка на француските градежни економисти, донациите би можеле далеку да ги надминат трошоците за обновата. Некои критичари сметаат дека парите би можеле подобро да се потрошат на други места. Сепак, оние кои собираат пари и натаму ги повикуваат луѓето да продолжат со донациите, а нивниот аргумент е дека сè уште не се знае колку пари се потребни за обнова.
„Не можеме да им кажеме на луѓето да престанат со донациите бидејќи сè уште не знаеме колку сето тоа ќе чини“, рекла Лоран Ливи од Фондацијата Наследство, институција која се занимава со заштита на француското културно наследство.
Синдикатот на градежните економисти во Франција проценил дека работата на поправката и реставрацијата на Нотр Дам ќе чини максимално 600 милиони евра, без ДДВ.
-Трошоците ќе бидат, најмалку околу 300 милиони евра, а најмногу околу 600 милиони евра, но нам ни треба два или три месеци за да знаеме колку точно ќе чини сè- рекол претседателот на синдикатот, Паскал Еслан.
Со оглед дека катедралата е во сопственост на државата, поправките нема да може да бидат финансирани од парите од осигурувањето. Некои од моштите и уметнички дела во Нотр Дам беа осигурени, како и работници кои работеа на обновување на катедралата пред избувнувањето на пожарот.