Додека пожарите беснеат во Амазонија, припадниците на бразилското племе Мура ветија дека ќе се борат за својата земја.
Најголемата шума на светот, Амазонија е значајно складиште на јаглерод што го забавува темпото на глобалното затоплување, пишува Би-би-си и наведува дека Амазонија се белите дробови на планетата бидејќи обезбедува 20 отсто од светските резерви на кислород.
Истовремено, Амазонија е дом на околу три милиони видови на растенија и животни и околу еден милион домородци.
– Ова е целосно уништување. Ако треба, ќе ја дадам и последната капка крв за да ја спасам оваа шума – изјави Раимундо Мура, припадник на племето Мура.
Тој додаде дека секое едно дрво е живо и има право на живот.
– Сега луѓето сакаат да го уништат. Ние ќе се обидеме да го заштитиме ова подрачје, природата и животните – истакна тој.
Тој вели дека неговото племе со векови престојува во шумата, додека од вемето кога уште немало струја или пристапни патишта.
– Сега секој ден се соочуваме со уништување на шумите и грабање на земјиштето. Тажни сме затоа што шумата умира. Климата се менува. На светот му е потребна оваа шума. Таа е потребна за нас и нашите деца – рече Ханде Вакана Мура, исто така член на истото племе.