Мајкл Коен, долгогодишниот адвокат на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска постигнал спогодба со обвинителите кои го истражуваа неговото исплаќање на жени со кои Трамп имал љубовни врски, но притоа не се согласил да соработува со обвинителството, јавуваат американските медиуми.
Коен беше под истрага за наводна даночна и банкарска измама, а пред се за давањето пари на љубовници на Трамп, од кои барал во иднина да молчат за нивните врски. Една од тие жени, порно актерката Сторми Даниелс, која примила над 100.000 долари од Коен, го прекрши потпишаниот договор и почна јавна кампања против Трамп, по што и Коен се соочи со обвинение за можно прекршување на законите за финансирање на предизборната кампања.
Коен со години имал пристап до бизнисите и компаниите на Доналд Трамп и политичките противници на американскиот претседател се надеваа дека по кривичната пријава против него, тој ќе открие податоци кои би биле инкриминирачки за Трамп.
По обвинението на Коен, како и информациите дека Коен наводно тајно го снимал Трамп, претседателот реагираше гневно преку Твитер.
Коен е еден од низата соработници на Трамп кои беа обвинети за различни кривични дела од страна на специјалниот обвинител Роберт Малер и други обвинителства во САД. Деновиве се очекува пресуда и за поранешниот шеф на изборниот штаб на Трамп Пол Манафорт.