Федералните обвинители соопштија дека изјавите во кои Џејкоб Ченсли, познат како шаманот на КуАнон, изразува каење за неговот учество во упадот во Конгресот на 6 јануари не можат да им парираат на доказите против него, пренесува „Њузвик“.
Ченсли кој го ословуваат и како Џејк Ангели, во повеќе наврати тврдеше дека бил наведен од пранешниот американски претседател Доналд Трамп, пред да земе учество во упадот во Конгресот. Поранешниот поддржувач на Трамп стана познат по фотографиите на кои е прикажан во Конгресот, додека носи крзно и рогови, а лицето му е бојадисано во боите на американското знаме.
Обвинителите истакнаа дека не може да се верува во промената на ставовите на Ченсли по апсењето, одговарајќи на предлогот што тој го поднесе за пуштање на слобода во пресрет на судењето.
Како доказ против Ченсли се посочува и неговото телевизиско интервју за „Ен-би-си њуз“ еден ден по упадот во Когресот, во кое тој се спореди со Махатма Ганди и со Мартин Лутер Кинг, инсистирајќи дека не сторил ништо погрешно доаѓајќи од Аризона во Вашингтон за упадот во Конгресот. Адвокатите на Ченсли го потенцираа и неговото „мирно“ однесување во Конгресот, како и отсуството на претходни прекршоци, во барањето за негово пуштање на слобода пред судењето. А ги отфрлија тврдењата на обвинителството дека јарболот што нивниот клиент го носел во Конгресот бил „опасно оружје“. Ченсли исто така јавно се извини за неговите дела.
Сослушувањето на кое ќе се одлучува за барањето на Ченсли за пуштање на слобода ќе се одржи в петок. Ченсли се соочува со повеќе обвиненија за кривични дела и би можел да добие долга затворска казна доколку биде прогласен за виновен.