Лидерите на Јужна и на Северна Кореја на средба во Пјонгјанг договорија затворање на еден од главните севернокорејски погони за тестирање и лансирање нуклеарно оружје. Како што посочуваат двете страни, договорени се начините на кои ќе биде постигната денуклеаризација на Полуостровот
Пјонгјанг се согласи да затвори еден од главните погони за тестирање и лансирање нуклеарно оружје на состанокот меѓу лидерите на Јужна и на Северна Кореја, Мун Јае-ин и Ким Јонг-ун. Двајцата лидери на средбата во Пјонгјанг се договориле за начините на кои ќе биде постигната денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, јави Би-би-си.
Ким го опиша договорот како чекор напред кон остварувањето на мирот на Полуостровот. Тој исто така изрази надеж дека во блиска иднина ќе го посети Сеул, со што ќе стане првиот севернокорејски лидер што стапнал во јужнокорејската престолнина.
Главна тема на тридневниот самит е денуклеаризацијата. САД и Северна Кореја по историскиот самит меѓу Доналд Трамп и Ким во јуни посочуваа дека начелно се договориле за тоа, но конкретните преговори беа запрени.
Јужнокорејскиот лидер сега вели дека неговиот севернокорејски лидер се согласил да го затвори „Тонгчанг-ри“, погонот за тестирање и лансирање нуклеарни оружја, и дека тоа ќе биде спроведено во присуство на експерти од различни држави, кои ќе потврдат дека погонот повеќе не е во функција. „Тонгчанг-ри“ беше главниот погон во Северна Кореја за лансирање сателити од 2012 година, а користен е и за тестирање на моторите на севернокорејските проектили, кои може да ги погодат и териториите на САД. Јужнокорејскиот лидер исто така посочи дека Ким се согласил да го затвори и нуклеарниот погон „Јонгбјон“, каде што наводно се произведени материјалите користени во нуклеарните тестирања, но само ако САД возвратат со реципрочна мерка, при што не е прецизирано за каква мерка станува збор. Северна Кореја го уништи својот главен погон за нуклеарни тестови во Пунгје-ри пред средбата меѓу Ким и Трамп во јуни.
– Резултатот е голема победа за јужнокорејскиот претседател Мун, кој успеа да извлече позитивни отстапки од Ким во однос на денуклеаризацијата. Ниту една од отстапките нема многу да го чини Ким и нема да доведе до краткорочно разоружување на Северна Кореја, но, сепак, удираат темел за градење доверба врз чија основа САД и Северна Кореја ќе можат да продолжат да преговараат – оценува Анкит Панда, уредник на интернет-магазинот „Дипломат“.
Јужна и Северна Кореја постигнаа напредок во своите односи и најавуваат дека ќе ја поврзат железницата, ќе ги спојат членовите на семејствата што се раздвоени со децении и дека ќе соработуваат во здравствената сфера. Двете земји заедно ќе се кандидираат и за домаќини на Летните олимписки игри во 2032 година. Јужнокорејскиот министер за одбрана и началникот на армијата на Северна Кореја исто така потпишаа договор за намалување на воените тензии и за формирање тампон-зона на границата за да се спречат идни инциденти.
Напредокот е постигнат за време на тридневната посета на Мун на Пјонгјанг, што е прва посета по цела деценија на еден јужнокорејски лидер на севернокорејската престолнина, а е веќе трета средба меѓу Мун и Ким по нивниот историски самит во април. Напорите за денуклеаризација заглавија по средбите меѓу Мун и Ким и Трамп и Ким, па овој самит е можност за Јужна Кореја да ја зацврсти улогата на посредник во преговорите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг. Трамп веднаш на Твитер ги поздрави „возбудливите“ резултати од самитот меѓу Мун и Ким.
Сепак, повеќето аналитичари велат дека Северна Кореја е далеку од преземање конкретни чекори за укинување на својата нуклеарна програма и прашање е колку најновиот самит ќе ги убеди во спротивното, нагласува Би-би-си.
– Заложбата да се затвори комплексот „Јонгбјон“ зависи од реципрочните мерки од САД, што отвора можност за тешкотии. Вашингтон треба да направи потег за да се помрднат работите и нејасно е дали администрацијата на Трамп ќе го стори тоа – оценува Панда од „Дипломат“.
Трамп неодамна нагласи дека тој и севернокорејскиот лидер ќе им покажат на сите дека грешат зашто се сомневаат во нивните намери, откако доби писмо од Ким со покана за втора средба. Двете страни нагласија дека веќе работат на организирање нов самит меѓу Трамп и Ким.