Договорено е времето и местото на состанок на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, изјави денеска државниот секретар Мајк Помпео, додавајќи оти деталите ќе бидат објавени за неколку денови.
Помпео истакна дека имал „добар, подолг“ разговор со Ким и оти двете страни треба следните денови да ги усогласат условите за одржување на успешен состанок.
Тој за ослободувањето на тројцата Американци од Северна Кореја изјави оти тоа е „гест на добра волја“.
Американскиот државен секретар во Северна Кореја беше 13 часа, а 90 минути имаше средба со Ким. Тоа е втора нивна средба за повеќе од еден месец. Помпео како директор на ЦИА ја посети Северна Кореја на почетокот од април.
Тој е втор американски државен секретар што ја посетил Северна Кореја. Во 2000 година во Пјонгјанг претстојуваше Медлин Олбрајт обидувајќи се да организира состанок меѓу тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон и таткото на актуелниот севернокорејски лидер, Ким Џонг-ил.
Средбата Трамп – Ким ќе се одржи кон крајот на месецот или почетокот на јуни.