Гуо Јинг (29) живее во Вухан, кинескиот град од каде што почна епидемијата на коронавирусот, од кој стравува цел свет. Гуо од 23 јануари е во карантин и го нема напуштено својот стан, со надеж дека така ќе го избегне вирусот.
Вухан е под опсада, работните места се затворени, јавниот превоз не работи, а на жителите од овој град им се советува да не го напуштаат својот дом, освен ако немаат некоја неопходна потреба.
Гуо е социјална работничка и активистка за човекови права. Живее сама, а додека е во изолација почна да пишува дневник, чии делови ги сподели за Би-би-си.
23 јануари – Денот кога почна карантинот
Кога се разбудив и ги чув упатствата за карантин, не знаев што да направам. Не знаев што значи тоа, колку ќе трае и како да се подготвам. Ги проверив социјалните мрежи и видов дека луѓето имаат неконтролиран бес – нема доволно места во болниците, луѓето лежат дома со треска затоа што нема доволно кревети. Речиси сите луѓе што ги видов носат маски, што ми предизвика немир. Пријателите ме советуваа да направам склад со неопходни работи. Видов човек што купува ненормално голема количина сол. Кога го прашавме зошто купува толку, ни рече: А што ако карантинот трае една година? Тоа ме испаничи. Потоа отидов до аптека, каде што видов дека примаат само одреден број купувачи. Сите маски и средства за дезинфекција беа распродадени. Градот како да исчезна, видов само една кола и минувач. Се запрашав дали животот ќе се врати во овој град.
24 јануари, тивка Нова година
Светот се стиши, а мене тишината ми е морбидна. Живеам сама и практично веќе немам никаков контакт со светот, освен кога ќе начујам дека некој минува во ходникот од зградата. Имам премногу време за размислување, а немам практично ништо за преживување. Главна цел ми е да не се разболам, па почнав да вежбам дома. Се плашам дека нема да имам доволно храна. Од владата рекоа дека не знаат колку долго ќе трае карантинот. Луѓето зборуваат дека можеби ќе трае до мај.
Денес сите продавници беа затворени. Меѓутоа, за среќа, има неколку курири што доставуваат храна. Во продавниците нема ориз, ниту тестенини. Успеав да најдам само целер, бел лук и јајца, па ќе смислам што со тоа. Кога се вратив од надвор веднаш се искапив и ги исправ алиштата што ги носев. Рацете ги мијам 30 пати дневно. Меѓутоа, сакам да излезам, сакам да имам контакт со светот. Дури сега можам да замислам како им е на старите и на неподвижните луѓе, кои живеат вака со години.
Вчера сакав да зготвам нешто затоа што е последна ноќ од година на свињата и треба да се направи некој богат оброк, ама немав што да зготвам. Во текот на вечерта преку видео-повици комуницирав со пријателите. Сите се затворени во своите домови. Еден од нив се закашла додека разговаравме и некој му рече да го прекине повикот.
Зборував со пријателите три часа и ми беше полесно. Меѓутоа, кога сфатив во каква ситуација сум, колку е опасно, а јас сум беспомошна, се расплакав. Многу размислував за смртта.
Сама на Нова година
Денес е кинеска Нова година, ама не ми е до славење. Утрово кога кивнав во марамчето видов крв и се преплашив. Размислувам само за вируси и болести. Немав температура и имав добар апетит, па решив малку да излезам од дома. Ставив две маски, иако луѓето велат дека не заштитуваат. Пазарите се полни со неквалитетни маски, па се чувствувам посигурно ако ставам две.
Градот е морничаво тивок. Продавниците се празни, нема ни муштерии. Во една продавница успеав да најдам два килограми ориз и го купив, иако дома имам седум килограми. Не знам до кога ќе трае карантинот и подобро е да имам. Купувам сѐ, дури и храна што не ја сакам. Ако јас не ја изедам, сигурно ќе можам некому да му ги подарам тие намирници. Во мигов имам храна за цел месец, меѓутоа и понатаму панично сакам да купувам уште.
26 јануари – Си ги слушам гласот
Не сме заробени само во домовите, туку во целост. Цензурата е многу моќна и на социјалните мрежи мораме да пишуваме многу внимателно. Интернет-цензурата во Кина и без ова беше многу моќна, ама сега е неподнослива. Во ваква ситуација тешко е да одржуваш некој ритам, ама давам сѐ од себе. Наутро вежбам, потоа пишувам, па читам, ама не можам да престанам да мислам на епидемија и на смртта.
Само два месеца сум во Вухан и не успеав ни целосно да го истражам, ниту да стекнам пријатели. Навечер сите излегуваме на прозорците и балконите и извикуваме „Напред Вухан!“. Од тоа малку ни е полесно.
28 јануари – Конечно надвор
Паниката во градот е неподнослива. Носењето маска стана задолжително. Луѓето без маски ги исфрлаат од јавниот превоз, а јас се прашувам зошто одат без маски. Можеби не нашле за да купат зашто одамна се распродадени. Сеедно, сметам дека не е фер да им ја одземат слободата на движење затоа што не носат маски.
Владата инсистира да не ги напуштаме домовите. Почнаа да им даваат пари на оние што се одлучија за домашен карантин. Меѓутоа, јас сум уморна од осаменост. Исплашена сум, а осаменоста прави сѐ да изгледа полошо.