Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го отпушти новиот висок економски службеник кој беше назначен на функцијата пред еден месец, велејќи дека не успеал да дојде до нови идеи за спас на економијата на земјата, која постојано е пред колапс, пренесува „Ал џезира“.
Ваквото отпуштање доаѓа во најтешкиот период за Ким во неговото деветгодишно владеење. Санкциите од САД, затворање на границите предизвикано од ковид-пандемијата и природните катастрофи кои лани ги уништија посевите ја продлабочија штетата на економијата, која и онака е скршена од децениските политички неуспеси, вклучувајќи го и периодот на глад во 90-тите години на минатиот век.
Според разузнавачката агенција на Јужна Кореја, затворањето на границата предизвика обемот на трговијата со Кина, која е главниот извор на поддршка за економијата на Северна Кореја, годинава да се намали за 75 отсто во првите 10 месеци. Недостигот на суровини предизвика фабричкото производство да се спушти на најниско ниво од 2011 година, а цените на увезената храна, како што е шеќерот, се зголемија за четири пати.
Ваквите неуспеси го примораа Ким јавно да признае дека минатите економски планови пропаднале. Тој рекол дека поставените цели на кабинетот за земјоделско производство годинава биле нереално високи, имајќи ги предвид ограничените залихи на земјоделски материјали, додека пак, целите за производство на електрична енергија биле премногу ниски. Ваквиот недостиг може да ја запре работата во рудниците за јаглен и другите индустрии.
Според проценката на Обединетите нации, во 2019 година 10,1 милиони луѓе во Северна Кореја, односно околу 40 отсто од популацијата, се соочиле со недостиг на храна, а Организацијата за храна и земјоделство проценува дека речиси половина од популацијата е недоволно исхранета. Повеќето експерти се согласуваат дека новите развојни планови на Северна Кореја не се разликуваат од претходно донесените планови, кои исто така немаа суштинска содржина.
За време на партискиот конгрес во јануари, Ким повика на воспоставување поголема контрола врз економијата, а приоритет да се стави на зголемувањето на жетвата и развојот на хемиската и металната индустрија. Но, за вистински да заживее економијата, аналитичарите велат дека Северна Кореја треба да инвестира многу во современа фабричка опрема и технологија, да увезува повеќе храна, или пак, да ја подобри сопствената продуктивност на фармите.