Таинствена дисидентска група од Северна Кореја презема одговорност за минатомесечниот упад во амбасадата на Пјонгјанг во шпанскиот главен град Мадрид. Но, групата ги отфрли сите тврдења дека настаните во дипломатското претставништво се „напад кои вклучува вооружени напаѓачи“, објавуваат од Си-ен-ен.
Групата која се нарекува „Чеолима граѓанска одбрана“ е тајна организација чија цел е да го собори режимот на Ким Јонг-ун во Северна Кореја. Исто така, дисидентите негираа и дека влади на други земји се вклучени во операцијата, или пак дека упадот е поврзаан со средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун во Ханои, која се одржа неколку дена подоцна.
– Ова не беше напад. Одговоривме на итна ситуација во амбасадата во Мадрид. Ние претходно бевме поканети таму и спротивно на извештаите, никој не бил фатен за врат, ниту пак претепан. Од респект за домаќинот Шпанија, не користевме оружје. Сите присутни во амбасадата беа третирани достоинствено и со неопходна претпазливост – стои во изјавата на групата Чеолима.
Додатно, севернокорејските дисиденти истакнаа дека нивна задача е да ги заштитат оние кои го бараат тоа од нив и дека не можат да дадат дополнителни информации за настанот во ова време.
– Продолжуваме да работиме со извонредно чуствителната работа на сите страни на светот – завршуваат од „Чеолима граѓанска одбрана“.
Како што информираат од Си-ен-ен, изјавата е објавена за јавноста неколку часа откако шпански судија изјави дека американската ФБИ била исконтактирана од страна на еден од членовите кои го извршија мистериозниот упад во севернокорејската амбасада и понудил податоци украдени за време на акцијата.
Наводниот упад бил спроведен од 10 лица, кои пред судијата во Мадрид се идентификувале како членови на асоцијација и движење за човекови права кое има за цел да ја ослободи Северна Кореја од режимот.