Британскиот амбасадор во САД, Ким Дарок, кој е во центарот на дипломатскиот спор по острите критики кон администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, поднесе оставка од функцијата, соопшти Министерството за надворешни работи, пренесува „Гардијан“.
Во писмо упатено до Сајмон Мекдоналд, највисок функционер во Министерството за надворешни работи, Дарок се изјаснил дека поради спорот во кој Трамп го нарекол „помпезна будала“ и „многу глупав“, тој не може да продолжи да ја врши својата функција.
– Откако протекоа официјални документи од оваа амбасада, имаше многу шпекулации во врска со мојата позиција и времетраењето на мојот преостанат мандат како амбасадор. Сакам да ставам крај на тие шпекулации. Поради сегашната ситуација, за мене е невозможно да ја вршам мојата функција онака како што сакам – стои во писмото.
Како одговор на писмото, Мекдоналд навел дека ја прифаќа оставката со „длабоко лично жалење“ и го пофали Дарок дека за време на деликатната ситуација се однесувал достоинствено и професионално, како што се однесувал и за време на неговата долгогодишна успешна кариера.
– Премиерот, секретарот за надворешни работи и целата јавна служба беа на твоја страна. Ти беше цел на злонамерни гласини, ти едноставно ја работеше својата работа. Ја разбирам твојата желба да го отстраниш притисокот врз твоето семејство и твоите колеги во амбасадата. Му се восхитувам на фактот што повеќе мислиш на другите отколку на себе – вели Мекдоналд.
Премиерката Тереза Меј ја пофали неговата „животна служба“ за Велика Британија и изрази огромна благодарност.