Индициите дека Британија ја шпионирала ЕУ за брегзит можеби некого вџашија, но многумина од безбедносната сфера во Брисел посочија дека шпионирањето пријатели и непријатели е само рутинска работа. За повеќето од нив, Брисел е „разузнавачки рај“, бидејќи е домаќин на ЕУ и на НАТО. За разузнавачките служби од Африка или од Блискиот Исток, пак, Брисел е цел на шпионирање заради нивната многубројна дијаспора што живее во Белгија
Сомнежите меѓу претставниците на Европската Унија дека Велика Британија ја шпионирала ЕУ за да добие чувствителни планови во врска со брегзит неодамна ги наполнија весниците во Велика Британија, а читателите се забавуваа со евергрин-темите од областа на безбедноста и шпионирањето. Од една страна, индициите дека британските колеги на „агентот 007“ ја шпионирале ЕУ предизвикаа вџашување кај читателите, но, од друга страна, за многумина од безбедносната фела во Брисел, шпионирањето пријатели и непријатели е само обична работа како и секој друга.
На пример, според американскиот магазин „Политико“, за повеќе светски разузнавачки служби Брисел е „фокус“, бидејќи е домаќин на Европската Унија и на НАТО, додека за други, како што се некои африкански и блискоисточни безбедносни служби, големата дијаспора што живее во Белгија е нивниот тежишен предмет на интерес.
И шефот на австриската разузнавачка агенција Петар Гридлинг изјави во јуни дека „Брисел сега ја претрка Виена“ со бројот и присуството на разузнавачки служби надвор од ЕУ на своја територија.
Според истите извори, иако отсекогаш имало разузнавачки и контраразузнавачки активности и операции во Брисел, со растечката важност на ЕУ и со големиот број амбасади во градот, се зголемил бројот на разузнавачите и луѓето од областа на безбедноста.
– Студената војна се врати. Во моментов во Брисел работат повеќе странски агенти отколку во годините пред падот на Берлинскиот ѕид. Кинезите, Русите, Американците, Мароканците се многу присутни во Белгија – изјавил неименуван поранешен белгиски разузнавач за магазинот „Политико“.
Истиот извор додава дека дипломатите во Брисел се свесни дека секојдневно се надгледувани, прислушувани, следени, фото или видеодокументирани.
– Поради ЕУ и НАТО, многу земји имаат дипломатски и економски мисии во Брисел, со што се создава богата средина за сите шпионски служби – вели за магазинот неименуван висок официјален претставник на американската разузнавачка служба.
Според него, во Брисел е лесно да се влезе и да се излезе, што ги олеснува чувствителните операции.
„Политко“ нагласува дека и САД се далеку од наивна страна на шпионската сцена во Брисел. Германскиот неделник „Шпигел“ во 2013 година на оваа тема информира дека, според документите објавени од страна на Едвард Сноуден, Америка спроведува(ла) електронски операции за прислушување на институциите на ЕУ во Брисел.
Претставник на безбедносните служби на ЕУ изјавил дека има пријателски и непријателски служби активни во срцето на Европа и додал дека пријателските оперативци по пристигнувањето во земјата генерално ја информираат белгиската служба за безбедност за своето пристигнување во Брисел.
Познатиот американски разузнавачки дисидент Едвард Сноуден на оваа тема зборува дека локации во Брисел биле искористени за да им се подметнат прислушувачки уреди на европските дипломати, со кои тие би биле следени додека ги вршат своите дејности во НАТО и ОН. Американските разузнавачи, користејќи германски објекти во Брисел, ја прислушувале Европската комисија, како и разни компании и европски институции.
Според него, токму затоа Европската комисија, Европскиот совет, Европскиот парламент, но и НАТО имаат свои разузнавачки служби во Брисел, кои работат на спречување на шпионажата на нивните згради и пристап до чувствителни документи.
– Европскиот совет беше цел на прислушување, кое е откриено во 2003 година, а белгиската истрага утврди дека тоа е правено за потреби на израелската влада – се издвојува во медиумите што пишуваат на оваа тема.
Пишувајќи за повеќе индикатори за присуство на разузнавачки активности во Брисел, медиумите додаваат дека работата е отидена дотаму што безбедносните служби ги предупредуваат своите вработени да бидат внимателни кога зборуваат за деловни работи во кафулиња и во ресторани.
– Знаеме дека постојат странски разузнавачи надвор од ЕУ што се обидуваат да дојдат до интересни податоци. Нашиот општ совет е да се биде внимателен и во јавноста – изјавил висок официјален претставник на ЕУ за безбедност во јавноста за медиумите.