Во извештајот на ООН за недостиг од храна, меѓу другото, се наведува дека бројот на луѓето што гладуваат значително е пораснат и дека бројката на неисхранети лица минатата година во светот се искачил на околу 768 милиони, што е еквивалентно на 10 отсто од светската популација. Причина за ваквите показатели, покрај пандемијата, се и меѓусебните судири, климатските промени, но и економските кризи во некои земји
Алармантни наоди во извештајот на Светската програма за храна при ООН
Светското ниво на глад и неисхранетост драматично се влоши во минатата година, а најголемиот дел од зголемувањето веројатно се должи на пандемијата предизвикана од ковид-19. Ова, меѓу другото, се наведува во последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Меѓународниот фонд за развој на земјоделството (ИФАД), во кој се посочува дека бројот на неисхранети лица минатата година во светот се искачил на околу 768 милиони, што е еквивалентно на 10 отсто од светската популација.
– За жал, пандемијата продолжува да ги открива слабостите во нашите системи за храна, кои се закана за животот и егзистенцијата. Ниту еден регион во светот не е поштеден – наведуваат агенциите на ООН, додавајќи дека нивните најстрашни стравови се исполнуваат, а тие се дека високите нивоа на хроничен глад ќе траат со години, ако не и со децении.
Во извештајот, меѓу другото стои и дека бројот на луѓе што не можат да пристапат до соодветна храна во текот на целата година се зголеми за 320 милиони, што преставува пораст споредбено со претходните години. Понатаму, како што пишува документот, од 768 милиони неисхранети луѓе, 418 милиони биле во Азија, 282 милиони во Африка и 60 милиони во Латинска Америка и Карибите. Во Африка, 21 отсто од луѓето се неисхранети, што е повеќе од двојно од кој било друг регион.
– Во свет на изобилство, немаме изговор за милијарди да немаат пристап до здрава исхрана. Затоа, овој септември свикувам глобален самит за системи за храна – рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Интересно е што во извештајот исто така се наведува дека големиот број на гладни луѓе во светот навестува дека ќе биде потребен голем напор од меѓународните институции да го исполнат ветувањето дека гладот ќе се искорени до 2030 година.
Ариф Хусаин, главен економист на „Светската мрежа против криза со храната“, изјави дека „коронавирусот не можеше да се случи во полош момент“ и оцени дека состојбата и натаму се влошува.
– Секој ден околу 21.000 луѓе во светот умираат поради причини што се во врска со недостиг од храна. Таквата состојба во светот беше вообичаена и пред пандемијата – рече Хусаин.
Во меѓувреме, друг извештај што се однесува на пазарот на трудот наведува дека ефектот на пандемијата кон отворање нови работни места и намалување на невработеноста не се очекува да се промени на нивото пред ковид-19 најрано до 2023 година.
– Ковид-19 не беше само криза во јавното здравство туку и криза во вработувањето и човештвото – изјави шефот на организацијата, Гај Рајдер.
Според процените на меѓународните организации, глобалната невработеност се очекуваше да достигне околу 205 милиони луѓе до крајот на оваа година во светот, што е многу поголема бројка споредено со минатата. Во анализите на меѓународните организации, исто така се додава дека на многу од работниците што го задржале своето работно место значително им биле скратени работното време и платата од страна на работодавците.