Спасувачите пронајдоа тела на 49 работници откако пожар зафати фабрика за преработка на храна во близина на Дака, главниот град на Бангладеш, со што бројот на жртвите се искачи на 52, соопштија официјални лица и пожарникари.
– На пожарникарите им требаше околу 20 часа за да го изгаснат пожарот што избувна во четвртокот попладне во шесткатната фабрика „Хашем фуд енд бевериџ лимитед“, сопственост на групацијата Саџиб – изјави пожарникарот Абдулах Ал Арефин.
Арефин рече дека телата на 49 работници биле пронајдени на четвртиот кат од зградата. Петтиот и шестиот кат сè уште треба да се пребаруваат, додаде тој.
Фабриката се наоѓа на 25 километри источно од Дака и произведува сокови, безалкохолни пијалоци и други прехранбени производи.
Арефин рече дека службите за итни случаи спасиле најмалку 25 работници кои успеале да избегаат на покривот веднаш штом избувнал пожарот.
Но, четвртиот кат бил заклучен, оставајќи ги работниците заробени таму и на крајот тие загинале.
Преживеаните работници во изјави рекле дека вратата била заклучена од безбедносни причини и чуварите одбиле да ја отворат без налог на сопственикот.
„Можевме да ги спасиме ако успееја да дојдат до покривот“, рече Арефин, додавајќи дека пожарот ја зафатил целата зграда.
Полицаецот Заједул Алам рече дека многу работници успеале да се спасат од пожарот самостојно.
Во фабриката имало најмалку 1.000 работници кога избувнал пожарот за кој причина сè уште не е позната.