Автор: Крис Силица, уредник во „Си-ен-ен“
Без разлика што ќе се случи следната година или во наредните пет години со претседателскиот мандат на Доналд Трамп, првиот параграф од неговиот политички некролог ќе ја содржи реченицата (или нешто слично на тоа): „Отповикување на Трамп во Претставничкиот дом беше изгласано на 18 декември 2019 година и на тој начин стана третиот претседател во историјата да се соочи со ваква одлука“.
Дека историско гласање беше предодредено и на кое му претходеше повеќе од
шестчасовно прозивање, зајадливата и партиска одвратност не треба да ве одврати од тој јасен факт, како и од тоа дека отповикувањето на Трамп (и подоцнежното гласање во Сенатот) ќе предизвика силни поделби во неговото претседателство, политиката и
државата. Во иднина неговото претседателство ќе биде познато како „пред и по отповикувањето“.
Ова не значи дека историскиот чекор, а се смета за историски без разлика дали некој ќе се согласи или не, ќе предизвика поголеми промени во Вашингтон. Всушност вчера најмногу впечаток остави нормалниот тек на настаните. Трамп на Твитер ги навредуваше своите политички противници, а беше фален од омилените „Фокс њуз“. Републиканците го бранеа претседателот, а фактите за нив не беа важни. Демократите инсистираа дека правилно постапуваат наспроти политичките практични вештини.
За еден ваков историски ден сè беше прилично банално. Дури вчеравечер на митингот во Мичиген, Трамп се шегуваше дека „дури не се ни чувствува дека е во процес на
отповикување“. Можеби така изгледа историјата одблизу, не толку впечатлива и
гламурозна, туку повеќе непријатна и мрачна отколку што другите ја претставуваат.
Без разлика како ќе одлучи Сенатот, а шансите се дека нема да изгласа негово
отповикување на почетокот од идната година, сепак тоа ќе остави дамка на Трамп и на
неговото наследство. Ова е точно без оглед на тоа дали ова отповикување ќе ги оствари сериозните предвидувања што двете страни сега ги прават.
Ако Трамп биде отстранет од функцијата поради гласовите на оние што сакаат да ја казнат партија што го донесе на власт или повторно да биде избран и/или Републиканците да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом поттикнати од бранот на гласачко незадоволство од притисокот на Демократите за отповикување, тогаш очигледно историчарите ќе го прогласат вчерашното гласање за клучен настан.
Но дури и ниедно од овие сценарија не се оствари, од денес па натаму сè ќе се гледа низ призмата на гласањето за отповикување на претседателот во Претставничкиот дом. Секој нов потег на Трамп, секоја промена во анкетите, сè што ќе се случува во политиката од денес до ноември идната година ќе се анализира низ последиците од она што се случи вчера. Ова особено важи за Трамп затоа што се случува во неговиот прв мандат и на помалку од една година пред новите претседателски избори закажани идната година. Ова е клучната разлика меѓу сегашните околности за неговото отповикување и она на Бил Клинтон кој беше последниот претседател што се соочи со ваква мерка.
Пред крајот на вториот мандат, Клинтон се соочи со отповикување во Претставничкиот
дом во декември 1998 година. Иако имаше јасни и големи поделби по неговото
отповикување, кога Републиканците го изгубија мнозинството во Претставничкиот дом на изборите за Конгресот во 1998 година, но две години потоа ја презедоа власта во Белата куќа, сепак на тоа директно не влијаеше одлуката за претседателството на Клинтон.
Но тоа нема да се случи со Трамп. Бидете апсолутно сигурни дека Трамп нема ни да се
наврати на прашањето за отповикувањето кога ќе заврши гласањето во Сенатот под услов да не биде отстранет од функцијата, затоа што тоа не е во негов стил особено кога верува дека бил жртва.
Додека Претставничкиот дом формално гласаше негово отповикување, Трамп беше на
митинг во Мичиген и практично се бранеше наведувајќи дека „не сторил ништо лошо и
дека има огромна поддршка од Републиканската партија“.
Но ова е само почеток. Ако сè што се случуваше во минатото е само еден вовед, Трамп
секој ден па дури и почесто ќе го споменува вчерашното гласање за отповикување до
следниот ноември. Ако добие втор мандат, тој овој ден ќе го смета за ден кога неговата победа била загарантирана.
(Едно пострашно предвидување е дека ако Трамп загуби на изборите, ќе тврди дека
неуспехот на изборите се должи на таканаречен „државен удар“ што Демократите се
обиделе да го изведат против него и нема да сака да ги признае резултатите.) Што и да се случи утре, идниот месец, година, па и понатаму, вчера беше денот кога се промени претседателството на Трамп. Дали на подобро или на полошо нема лесно и брзо да дознаеме, можеби не пред самите претседателски избори закажани за идната година. Но кога сите ќе се навраќаме на неговиот мандат, повеќето од нас никогаш нема да го заборават овој ден.