Група демонстранти со слики од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска протестираа во главниот град на Јужна Кореја, Сеул, барајќи од американскиот претседател Доналд Трамп да изврши притисок врз Ким поради непочитување на човековите права во Северна Кореја.
Демонстрантите истакнаа дека се и против евентуална декларација на Вашингтон и на Пјонгјанг, со која формално би завршила Корејската војна, што траеше од 1950 до 1953 година. Тие оценуваат дека Пјонгјанг ќе ја искористи декларацијата и ќе бара намалување на бројот на американски војници во Јужна Кореја.
Според аналитичарите, на вториот самит Трамп – Ким во Ханој, најверојатно нема да се разговара за човековите права во Северна Кореја.
Главна тема на дводневниот самит Ким – Трамп ќе биде нуклеарната програма на Северна Кореја. Двајцата лидери минатата година во Сингапур се договорија да работат на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Ким веќе пристигна во Ханој. Тој на 23 февруари тргна од Пјонгјанг со воз во придружба на високи владини претставници и неговата сестра. Ким во Донг Данг пристигна со воз, а потоа до Ханој патуваше со автомобил. Патиштата од границата со Кина до Ханој, во должина од околу 170 километри, беа затворени, а припадници на војската и на полицијата се менуваа околу хотелот „Мелиа“, каде е сместен Ким.
Трамп синоќа полета од Вашингтон и треба да слета на меѓународнито аеродром Нои Баи.
Американскиот претседател на Твитер објави дека се радува на „многу продуктивен самит“ со Ким.