Демонстрантите во Хонгконг планираат да го искористат симболичниот чин на покажување отпор од пред три декади, кој помогна за уривање на Советскиот Сојуз, објави „Њузвик“.
И додека протестите во Хонгконг влегуваат во 11-тата недела, корисниците на извесен интернет-форум во кинеската полуавтономна територија повикаа на поставување на човечки синџир, ист како оној во балтичките земји на 23 август 1989 година.
На тој ден, луѓето ширум Летонија, Естонија и Литванија, кои тогаш сè уште беа дел од Советскиот Сојуз, се фатија за рацете и формираа долги колони на т.н. човечки синџир, барајќи независност. Потоа, овој тип на протеститирање стана познат како „балтички начин“.
Човечкиот синџир првпат се случи на 60-годишнината од пактот на Јоаким фон Рибентроп и Вјачеслав Молотов. Договорот од 1939 година меѓу СССР и Германија да ја поделат Европа на сфери на влијание, што предизвика припојување на балтичките земји во Советскиот Сојуз.
Минатата недела, кинеските државни медиуми пренесоа видеа на кои може да се забележат кинески трупи и воени возила кои се стационираат во Шенжен, североисточниот кинески град кој се наоѓа на границата со Хонгконг. Сепак, познавачите на состојбата уверуваа дека мала е можноста за воена интервенција на Пекинг во полуавтономната територија.
Лидерката на Хонгконг Кери Лам денес изјави дека се надева на дијалог со демонстрантите кој би можел да помогне за завршување на кризата, која беше предизвикана поради незадоволството од контроверзниот закон за екстрадиција, за кој многумина експерти сметаа дека ќе го зголеми влијанието на Кина.
Иако Лам го суспендираше контроверзниот предлог, барањата на демонстрантите еволуираа во пошироко движење за демократија. Тие бараат целосно повлекување на законот за екстрадиција, протестите да не бидат карактеризирани како немири, ослободување на уапсените демонистранти и независна комисија за да ги истражи настаните кои траат од јуни.